„Дигитал Оне“ која се прослави со бизнисот со софтверски лиценци со Владата, доби огромни исплати и од МВР
„Дигитал Оне“, фирмата која се прослави пред три месеци со добиениот тендер од 8 милиони евра за софтверски лиценци за сајбер одбрана со Генералниот секретаријат на Владата како нова компанија со само двајца вработени, изминатите месеци нижела и милионски исплати од Министерството за внатрешни работи, иако никаде нема јавно достапен договор.
Владата на 6 февруари му исплатила на „Дигитал Оне“ 164.020.000 денари како највисока сума што ја има добиено оваа фирма досега од јавните институции. Меѓутоа, во очи паѓаат исплатите од Министерството за внатрешни работи. Имало две трансакции од 55.969.170 денари и 11.879.314 денари во април и јуни лани. Потоа нагло следуваат уште неколку исплати во периодот од октомври 2025 до јануари 2026 во вкупна висина од 1,85 милиони евра.
Евентуалниот договор на оваа новоформирана и дотогаш анонимна ИТ-компанија со МВР го нема на системот за „Е-набавки“, а исплатите на платформата „Отворени финансии“ се под програмата 2А, што укажува на „капитални инвестиции“ како набавка на одредена опрема. Тајност во набавките на МВР може да има само за одредени специфични договори за системи за следење, специјална оперативна опрема или безбедносни комуникациски системи.
Инаку Владата во договор со „Дигитал Оне“ ќе потроши осум милиони евра за софтверски лиценци за виртуелна платформа наменети за повеќе државни институции. Договорот за набавката, објавен на веб страницата на Бирото за јавни набавки, предвидува да се реализира до 2028 година или додека не се исцрпат средствата. Компанијата, која е релативно нова, формирана во 2024 година, набавката ја добила во конкуренција на уште две компании.
Во август 2024, на македонскиот пазар се појавила фирмата „Дигитал оне“. Сопственикот и управител на фирмата, извесен Кристијан Арсовски, дипломиран економсит, одлучил да отвори фирма за Трговија на големо со информатичка и комуникациска опрема, која една година подоцна, почнала да конкурира на тендери. Досега, добила шест, од кои четири од Генералниот секретаријат на Владата.
Како што предвидува договорот, корисници на лиценците ќе бидат Агенцијата за катастар на недвижности, ФЗОМ, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Министерствата за внатрешни работи, за јавна администрација, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство, за економија и труд, за култура и туризам, за европски прашања и за дигитална трансформација, како и Царинската управа, УЈП и Државниот завод за статистика.
Според рамковната спогодба Владата на компанијата ќе треба да и плати четири пати, во 2025 милион денари, оваа 139 милиони денари, а во 2027 и 2028 година по 140 милиони денари.
Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување рече дека Владата стои на располагање во расчистување на дилемите ако постојат и дека ако има сомнежи, случајот може да биде пријавен во Обвинителството.
„Тој рамковен договор е од нула до таа максимална сума што сега вие ја споменувате. Значи може да биде и нула денари, а може да биде и сумата што вие ја споменувате (8 милиони евра, н.з.). Така што, јас апсолутно не гледам никаква, би рекол, незаконитост во рамките на таа набавка. Имало многу случаи кога дури и компании без вработени добивале тендерски постапки и така натаму, доколку тие биле по закон, тука ние ништо не можеме да сториме. Но, еве бидејќи вие рековте да ја запалиме „црвената ламба“, јас го повикувам обвинителството уште денес да дојде и да отвори процес и да го истражи случајот“, рече Мицкоски.
Опозицијата претходно реагираше дека еден од вработените во „Дигитал оне“ е поранешен вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање и дека е инженер кој бил дел од комисиите што решавале за уништување на опремата со која било извршувано масовното нелегално прислушкување.А.К.
