Девизните резерви бележат пад во ноември
Македонската економија во третиот квартал продолжи да расте, со солидна стапка на раст од 2,4%, којашто воедно е и нешто повисока во однос на проекцијата, соопштуваат од Народната банка, при тоа образложувајќи дека растот на економската активност е поттикнат од личната потрошувачка и извозот.
За четвртиот квартал од годината бројот на расположливите високофреквентни показатели е ограничен, а нивното движење дава различни сигнали, поради што засега е тешко да се дадат попрецизни оцени.
„Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во периодот јануари - ноември 2016 година и натаму е во негативната зона (-0,2%, во просек), при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст. Инфлациските остварувања во ноември упатуваат на нешто пониска инфлација од проектираната, а очекувањата за увозните цени се ревидирани во различна насока, поради што и ризиците околу проекцијата на инфлацијата за следниот период се оценуваат како урамнотежени.
Најновите податоци за девизните резерви во ноември покажуваат намалување, како резултат на редовното намирување на достасаните обврски на државата кон надворешните кредитори и достасувањето на девизни депозити на домашните деловни банки пласирани кај НБРМ во периодот од мај 2016 година наваму.
Од друга страна, интервенциите на НБРМ делуваа во насока на раст на девизните резерви, што упатува на поволни платнобилансни текови. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци, за четвртиот квартал покажуваат дека трговскиот дефицит е нешто понизок од очекувањата, а нето-откупот на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, е во рамки на очекувањата.
Заклучно со последните податоци од декември, веќе шест месеци по ред банките имаат вишок на девизна ликвидност, што овозможи интервенции на Народната банка за откуп на девизи во вкупен износ од 135 милиони евра.
Со ова во целост се надополни делот од девизните резерви којшто беше искористен за стабилизација на курсот во периодот на шокот во април/мај. Високиот откуп на девизи во овој период од страна на Народната банка се должи на поволните движења на девизниот пазар на банките во трансакциите со клиентите. Така, на овој пазарен сегмент вкупната понуда на девизи беше повисока од вкупната побарувачка на девизи, при годишен раст на понудата на девизи од фирмите и годишно намалување на побарувачката од страна на фирмите. Воедно, кај сегментот со останатите клиенти има годишен раст на откупот на девизи од менувачниците, нерезидентите и физичките лица“, додаваат од Централната банка на земјава.
Меѓудругото информираат декаи Интервенциите на Народната банка за откуп на девизи придонеле за значително подобрување на денарската ликвидност на банките, коишто вишокот средства го насочија кон краткорочните расположливи депозити кај Народната банка, при што нивната состојба достигна високо ниво.
