Детските одморалишта одат на продажба
Најголемиот дел од детските одморалишта низ Македонија ќе одат на продажба, најави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Тој признава дека овие објекти се во лоша состојба, но државата нема да ги реконструира, туку ќе ги понуди на приватни инвеститори.
„Принципот на одморалишта одржувани од страна на државата одамна е напуштен и одамна не се одржуваат самите одморалишта. Тоа се руинирани објекти и за нив планираме да ги дадеме на продажба и истите да ги продадеме со цел да ги искористи приватниот сектор, односно да влезе приватниот сектор во нивно опремување, доизградба и адаптација за хотелски комплекси“, најави Спасов.
Министерство за труд и социјална политика нема доволно ресурси за одморалиштата да бидат целосно реконструирани, бидејќи за тоа се потребни многу средства, појасни тој. Додека да бидат продадени, децата и натаму ќе ги користат одморалиштата за зимување и летување, најави Спасов, кој денеска ја испрати третата група од 340 деца од ранливите категории на бесплатно зимување на Пелистер.
Со ова се заокружи бројката од 1000 деца кои ја искористиле оваа можност. Ова е трета година во која се релизира проектот за бесплатен одмор за деца од социјално загрозени семејства во зимскиот и во летниот период.
Слично
