Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДЕЦА МИГРАНТИ: На крстосница меѓу непознатото и неизвесноста!

ДЕЦА МИГРАНТИ: На крстосница меѓу непознатото и неизвесноста!
Во бранот на мигранти кои секојдневно чекаат да влезат или веќе  транзитираат низ земјава има многу деца. Изморени и гладни, уплашени и несигурни,  каде и како да ја поминат секоја измината ноќ!? Оваа слика според Првата детска амбасада “Меѓаши” не треба да биде синоним за земјава, а децата не треба да се изедначуваат со возрасните, ниту според третманот, ниту според потребите. Оттаму потенцираат дека системот за заштита на правата на детето потфрлил, а доказ за тоа е  нехуманиот  и нечовечки однос на згрижување на децата- мигранти во прифатниот центар Гази-баба. “Треба на децата мигранти да им се овозможат алтернативни модели на згрижување,. Препораките на меѓународните тела за заштита на децата бараат престојот на децата во прифатните центри да биде во услови со стандарди за посебна грижа кон децата и жените. Еден од проблемите е што ние на извесен начин забораваме на децата, ги изедначуваме со возрасните, и според третман и според потребите.  Би било добро да се има што е можно подетална евиденција на децата кои поминуваат низ Македонија, особено ако се без придружба за да се спречат можните злоупотреби на децата и на крајот на краиштата да се пратат низ државите низ кои поминуваат за да има трага до нивното конечно престојувалиште, соединување со семејствата или во згрижувачки семејства или домови” -вели Драги Змијанац -директор и основач на Првата детска амбасада “Меѓаши”. Во прифатните центри, додава Змијанац,   покрај подобрување на основните услови за престој треба да се овозможат дополнителни активности за деца, едукативно-забавни кои ќе им помогнат полесно да го преживеат секојдневието и ситуацијата во која се наоѓаат. “Овие активности треба да се изведуваат во одредени адекватни внатрешни простори, но уште поважно е да се осмислат и спроведуваат активности надвор. Децата имаат право на игра и да бидат деца колку и да е тешка ситуацијата во која се наоѓаат. Воедно доколку стручни лица работат или ги занимаваат децата ќе им се олесни и на нивните родители. Би требало да се прави интеграција на децата мигранти згрижени во Македонија по било кој основ со локалните деца, на пример децата бегалци под старателство на возрасно лице да играат на детските игралиштата со локалните деца”- додава директорот на Првата детска амбасада. Italy Migrants Страотните  фотографии и видеа кои  излегоа  во јавноста за условите во прифатниот центар во Гази Баба во кој беа сместени и деца го сврте вниманието на јавноста. Таму,  велат од Меѓаши има отуство на хумани  услови за сместување на децата, па оттука е потребно итно решение на овој проблем кој беше детектиран и од Народниот правобранител. “Мора итно да се обезбзеди сместување според стандарди за згрижување на мигранти и бегалци во прифатните центри. Се спие и на под. Треба да се обезбедат душеци, кревети, да им се овозможи на децата да не  спијат на земја. На децата мигратнти  државата треба да им обезбеди здравствена, психолошка но и правна помош”-нагласува Змијанац. Тој објаснува дека Конвенцијата за првата на детето гарантира специјална заштита и бара постапување со детето на начин кој ќе ги осигура неговите најдобри интереси. Во сите дејствувања кои се однесуваат на децата, без разлика дали се преземаат од јавни или од приватни институции за социјална заштита, од судови, административни институции или законодавни органи, основна грижа треба да претставуваат најдобрите интереси за детето. “Остварувањето на најдобриот интерес на децата е принцип на кој се повикуваме да ги мобилизираме државните институции кои се задолжени согласно оваа конвенција за правата на детето дека измачување или на друг вид суров, нечовечен или деградирачки третман кон децата е спротивно на почитување на елементарните права на детето. КПД го признава фактот дека на секое дете под 18 години му е потребна посебна заштита и грижа. Член 2 од КПД бара секоја земја да ги гарантира правата од конвенцијата за секое дете, без дискриминација по каква било основа. Се повикуваме на овој член бараме од државата да се грижи за потребите на децата мигранти и да се води грижа и на децата особено да им се обебеди соодветна психо -терапевтска грижа за децата кои претрпеле емоционална или физичка траума, како и соодветна старателска заштита од семејства, како алтернативен начин на згрижување на децата мигранти”-вели Драги Змијанац од Меѓаши. migranti-vo-voz Оттука, според него е потребно  проширување на прифатните центри за  децата -мигранти и нивно стандардизирање согласно меѓународниот правилник за прифатен центар.   Потребно е  вели,  поактивно преземање на дел од обврските на меѓународните организации за помош и поддршка на бегалците и мигрантите, како и ургенти средства кои меѓународната заедница ќе ги даде за итни активности за помош на мигрантите спроведени до државните институции, меѓународните организации и граѓанските организиции во земјава. Клучна улога на државата,  според директорот на Меѓаши е  да обезбеди  ефикасен систем на транзитирање на мигрантите во Македонија, особено на децата мигранти, да се обезбеди нивно  движење и транзитирање низ територијата на Република Македонија во рок од  законски предвидените 72 часа, обезбедување јавен превоз за транзит и да им се олесни  и правото и пристапот барање  азил, што е право кое што е гарантирано со меѓународните стандарди. Не само Македонија, туку како што вели Змијанац,  и другите држави кои се вклучени во овој миграционен бран, треба да се договорат како заеднички да се   надмине оваа ново настаната ситуација, со цел да им се помогне на мигрантите кои не по своја вина се нашле на крстосницата меѓу непознатото, неизвесното и судбината. С.Б.
Слично

Поврзани вести