Деспотовски потврди дека со „Кромберг и Шуберт“ се разговара за нов капацитет
Директорот на Дирекцијатата за ТИРЗ, Јован Деспотовски потврди дека фабриката „Кромберг и Шуберт“ која е веќе присутна во Битола, планира проширување на своите капацитети, но деталите за инвестицијата ќе бидат соопштени по разговорите со компанијата кои се во завршна фаза.
- Една од компаниите со кои разговараме во моментот и со кои разговорите се во завршна фаза за нова инвестиција, е и „Кромберг и Шуберт“, но откако ќе ги завршиме разговорите, ќе ги соопштиме сите детали за инвестицијата - кусо одговори Деспотовски на новинарско прашање по прес-конференцијата за економското работење на зоните во 2021 година.
Фактор веќе објави оти компанијата „Кромберг и Шуберт“, еден од најголемите работодавачи во Македонија, отвора уште една фабрика, овој пат крај Скопје. Со новата фабрика која треба да се отвори се превзема дел од производството што беше стопирано со војната во Украина поради што беше нарушен ланецот на набавки, посебно на снопови електрични кабли, за големите германски автопроизводители.
Фабриката е веќе регистрирана, а од Кромберг и Шуберт за „Фактор“ потврдуваат дека во Бунарџик ќе се произведуваат кабли за БМВ, која мораше да го намали своето производство на почетокот на војната, а сите други производители беа принудени да го сторат истото.
Прво е планирано да се закупи објект во Општина Илинден, за производството да започне побргу со инстантно вложување на 22 милиони евра за опрема и машини, а истовремено ќе се гради нова фабрика за која би биле инвестирани 39 милиони евра. Првиот погон за релокација на производството за БМВ од Украина, би започнал со работа во август или септември, а веќе има огласи за вработување кои би достигнале до 1.800. Фабриката би се градела во новата индустриска зона Скопје 3 и таму би требало да има 2.000 вработувања и производниот процес би стартувал во 2024.
