Деспотовски: Ќе има 1 милијарда инвестиции до крајот на мандатот
Во првата половина од годината се склучени договори за нови инвестиции во вредност од 105 милиони евра, информираше директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски зони (ДТИРЗ) Јован Деспотовски. Тој вели дека во зоните во првата половина од годинава е регистрирано највисоко ниво на економска активност во последните дваесет години.
„Овие 105 милиони евра нови странски инвестиции во следниот период треба да донесат 1.850 нови работни места, вкупни приходи односно пораст на извозот во следните 10 години некаде во висина од 2 милијарди и 100 милиони евра, средства за државата по основ на персонален данок на доход во износ од 7,2 милиони евра, потоа 33,2 милиони евра по основ на придонеси и 36,8 милиони евра од данок на добивка, рече Деспотовски. Тој додаде дека остануваат на проекциите за 1 милијарда нови странски инвестиции до крајот на мандатот. Тоа, според Деспотовски, се темели и на фактот што, како што истакна, веќе се разговара со 30 компании за инвестиции во висина од 400 милиони евра и отворање нови 8.500 работни места.
Во првите шест месеци и извозната активност била зголемена за околу 70 проценти во однос на истиот период лани, а увозната за 90 проценти. Извозот е 1 милјарда 559 милиони евра, што е за 67 проценти повеќе од истиот период во 2020, додека во однос на 2018 година растот е 33,5 проценти. Увозот пак е 1 милијарда 535 милиони евра, со раст во однос на истиот период лани од 90 проценти.
„Овие бројки покажуваат дека економијата во тамки на ТИРЗ е на добар пат. Не зборуваме веќе за опоравување туку за реален раст и очекуваме и се надеваме дека овие бројки ќе продолжат да растат и во наредниот период, рече на денешната прес-конференција директорот на ДТИРЗ Јован Деспотовски.
Зголемен е и бројот на вработени во зоните. Вкупниот број во моментов изнесува 14.230 вработени. Во последните пет години, рече директорот на ТИРЗ, има раст од околу 50 проценти.
Директорот на ТИРЗ истакна дека во привлекувањето странски инвестиции, се води сметка и за тоа да влезат што поголем број инвеститори, но, како што рече, и инвестициите да бидат поквалитетни и ќе понудат поголеми плати за вработените.
