Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дескоски: По посетата на Венизелос, нови искушенија – нè чека долг статус кво во разговорите за името!

Дескоски: По посетата на Венизелос, нови искушенија – нè чека долг статус кво во разговорите за името!
Горна Република Македонија, со користење само во меѓународната комуникација е добар предлог на медијаторот Метју Нимиц и на меѓународната заедница за решение на спорот со името. Тоа не навлегува во идентитескиот код на Македонците. Можеби и Венизелос требаше во Скопје да го тестираме дали Грција е подготвена да се врати на предлозите од медијаторот - ова за Фактор го истакнува професор Тони Дескоски од Правниот факултет во Скопје. Ни треба јавна дебата за понудените решенија на Нимиц од 2о13 година, но и за опасностите што не демнат ако продолжи статус кво во евроатланскиот курс на државата, вели во интервјуто професор Дескоски. Како експерт тој ги бранеше правните принципи на Македонија пред Меѓународниот суд за правда во Хаг, чии придобивки не ги валорзираме. Според него Македонија е пред нови искушенија од проценките дека со статус кво позиција во преговорите со Грција нема да обезбедиме сојузништво на влијателните меѓународни фактори, ниту пак тие со еден милиметар ќе се помрднат од решенијата веќе ставени на маса. Фактор: Посетата на грчкиот шеф на дипломатијата, како и што се очекуваше, имаше повеќе протоколарен карактер, без некакви суштински пораки за шансите да се деблокираат македонските евроатлански аспирации. Како да се излезе од оваа статус кво состојба? Т. Дескоски: Венизелос во Македонија дојде како претставник на претседавачот на ЕУ. Овие средби по правило се протоколарни и се дел од агендата на грчката дипломатија да афирмира дел од политиката на Атина дека таа може да ги поттикне аспирантите кон нивното европско интегрирање. Очигледно е дека спорот е помеѓу две земји што имаат дијаметрално спротивставени позиции и помеѓу две држави со многу голема разлика во сопствената моќ и сила. Грција е доминантна во овој спор, токму поради челнството во ЕУ и НАТО клубот и правилата на овие асоцијации што и овозможуваат супериорност во условувањата. Нашата единствената шанса, како послаба страна, е да најдеме сојузници и да ги вклучиме во барањето решение. Тие партнери се големите играчи на меѓународната заедница што би можеле да извршат влијание врз Атина. Но наша задача е да сфатиме дека сојузниците треба да не разберат, но и ние да бидеме веродостојни што тие би сакале да чујат од нас, колкав капацитет за компромис имаме и за што тие би биле подготвени да не поддржат. Фактор: Како го толкувате молкот на Метју Нимиц? Дали посредникот нема идеја за нова иницијатива, дали свесно се маргинализира неговата мисија и се отвара пат за дирекно инволвирање на Брисел и покрај категоричното одбивање на ЕК да биде посредник? Т.Дескоски: Посредникот Нимиц не настапува во свое име, туку под директен налог и надгледување на тие кои му го довериле мандатот. Тоа што меѓународната заедница, влијателните држави и нивните водечки политичари, преку Нимиц, лани го доставија до двете земји наиде на негативен прием во Скопје и Атина. Затоа и нема нова иницијатива од Нимиц. Се плашам дека следува подолг период на статус кво во преговарачкиот процес, што многу повеќе ќе и наштети на Македонија, отколку што ќе создаде некакви проблеми за Грција. Клучен интерес на официјална Атина е политика со која Македонија ја држи што подолго од ЕУ и НАТО, ние да се најдеме и зад напредокот на нашите соседи од Север. Секој чекор на напредок на Србија кон ЕУ, за Македонија е чекор назад. Може да се претпостави дека кон грчкото сојузништво ќе се приклучи и традиционалното партнерство на Србија, што заедно со Бугарија го шири фронтот со пречки во македонското интегрирање во ЕУ. Секојдневниот напредок на Србија во преговорите со ЕК е нивна значителна предност наспроти нашата стагнација. Тоа ја крие опасноста да се соочиме и со вета и условувања, па и идни уцени од Белград. Мора да го имаме во предвид ваквиот негативен развој на притаеното или отоворено пактирање на соседите против ЕУ интересите на Македонија. И клучна задача на нашата дипломатија е да го анализира, превенира и одговори со активна меѓунардна политика која бара решение за спорот со Грција и развива добрососедски односи. Фактор: Владејачки политичари, некои од претседателски кандидати, одделни експерти, па и во дел од медиумските средни се заговара прекин на преговорите со Грција. Т. Дескоски: Грција успеа да ги замрзне преговорите и околу тоа нема дилеми кај никого во земјава. Клучно прашање за нас е како да излезе од оваа статус кво ситуација и процеси што се исклучително негативни за нашата позиција. Пресудата на Меѓународниот суд за првада во Хаг, ја афирмира нашата доследност во почитувањето на Времената спогодба, донесе конкретни и видливи добивки. Прво, се стекнавме со авторитетна интерпретација на Времената спогодба и целосно разбивање на грчката политика дека од Македонија произлегува иредентистичка политика. За жал, по пресудата во Хаг одбиваме да се потпреме на овие аргументи и со Грција да влеземе во директен дуел пред највлијателни меѓународни институции и фактори за да ги отфрлиме теориите за македонски иредентизам. Ние и натаму сме неми набљудувачи на продолжената грчка офанзива и политика на вакво наше дискредитирање. Второ, пресудата на Хашкиот суд за правда пред меѓународната јавност не прикажа како конструктивен фактор. Неговатаа одлука и помогна на Меѓународната заедница, преку Нимиц, минатата година, да формира предлог за решение на спорот, што е значително поповолен од пакетот што ги добивме непосредно пред самиот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Фактор: Дали конечно се знае пакетот- Нимиц од 2013 година, за кој рековте дека е поповолен? Колку е тој веродостоен и дали и зошто се крие од домашната јавност? Т. Дескоски: Наша одговорност е, пред Македонија е обврската да оцени дали последниот предлог на посредникот Нимиц ни одговара или идеите за решение на спорот не се прифатливи. Факт е дека меѓународните фактори, во наредниот период, нема да поместат ниту со еден милиметар од последниот план на медијаторот. Тие измерија каква вредност има пресудата во Хаг за Македонија и за решавање на спорот и одговорија преку предлог на Нимиц што во 2о13 година беше доставен до Владите во Скопје и Атина. Тој предлог за името и според грчки извори е - „ГОРНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ за меѓународна комуникација. Но,   неговата примена не е предвдиено да биде  ерга омнес дури ни во меѓународните односи, односно не би се користело во севкупните меѓународни односи. Фактор: Јавноста е бомбардирана со дози на на манипулација дека последниот предлог на Нимиц дирекно го загрозува идентитетскиот код на македонскиот народ. Т. Дескоски: Тоа е погрешна концепција. Идентитетот на македонскиот народ, како основна, движечка сила на Република Македонија е цврсто врзан со името на државата. Кога добивате предлог во кој државата се именува како Македонија, кое не го загрозува нејзиното име, транскрипцијата, ниту географски го ограничува, за што придавката „Горна“ стои пред „Република“, а не пред името Македонија, тогаш е сосема јасно дека идентитетот на македонскиот народ не е загрозен. Има уште една погрешна концепција форсирана уште од 2008 година дека идентитетот на македонскиот народ се заштитуваше со понудените предлози „Северна Македонија“ или „Горна Македонија“, под услов Грција да го признае постоењето на македонскиот јазик. Но Грција никогаш нема да признае постоење на македонски јазик. Нашиот јазик, како македонски е именуван во ООН и во сите меѓународни институции, тој е дел од признаената енциклопедија на живи европски јазици. Затоа мислам дека предлогот „ГОРНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“, со употреба без ерга омнес, што значи дека нема потреба и од уставни промени, не го загрозува идентитескиот корпус на права на самоидентификација – кои сме, каков јазик говориме и го именуваме. Нема потреба да го отвораме прашањето за името на нашиот јазик, освен ако ние не знаеме какво е името на македонскиот јазик. Македонија се наоѓа пред нови искушенија и повторувам дека нам не ни одговара позиција на статус кво во преговорите со Грција и евроатланскиите интеграции, особено кога е се повидливо дека нашите соседи постигнуваат поголем прогрес кон ЕУ, со големи одстапки, како во случајот на Србија-Косово, а тоа им носи предност наспроти нас. Во Македонија треба да се покрене дебата дали ланскиот предлог на Нимиц е поволен за нас. На граѓаните треба отворено да им се објасни која е државната старетегија и политика, како ќе се однесуваме пред предизвиците од евентуалните опасности и колкави се тие. А тие се големи. Не случајно ЦИА, предупредува дека Македонија, по Босна и Херцеговина е ново „буре барут“ во регионот. Ако не бидеме активни на патот кон ЕУ и НАТО возможно е да се соочиме и со внатрешна политичка криза, стимулирана и од одредени сили во соседството! Заканата е голема и Македонија и нејзините политичари кон неа треба да се однесуваат одговорно во проценките и во решенијата. Г. Ч.
Слично

Поврзани вести