Дескоски: Македонија бара Грција, а не НАТО да ја почитува Хашката пресуда
НАТО не е странка во спорот пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг и пресудата на овој суд не ја обврзува оваа меѓународна организација, изјави вчера за време на посетата на Скопје генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен. Тој уште еднаш посети дека одлуката на самитот во Букурешт била одлука на сите земји-членки на Алијансата и нагласи дека за покана за членство за Македонија е пресудно решение на спорот околу името.
Тони Дескоски, е универзитетски професор по меѓународно право и беше и дел од македонскиот правниот тим во тужбата против Грција пред Меѓународниот суд за правдата.
Фактор го запраша за оценка во однос на изјавата на Расмусен.
Фактор: Како ја толкувате изјавата на Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен дека пресудата од судот во Хаг ги засега нашите билатералните односи со Грција, меѓу Атина и Скопје, и не се однесува на НАТО?
Дескоски: Изјавата на Генералниот секретар на НАТО е точна - Пресудата на Меѓународниот суд на правдата се однесува само на две земји во светот: Македонија и Грција, и ги обврзува само нив две.
Македонија ниту бараше, ниту пак Судот пресуди дека Одлуката на НАТО од Букурешт 2008 е ништовна или е спротивна на меѓународното право. Она што е пресудено е дека поведението на една земја членка (Грција) на Самитот во 2008 година, при носењето на Одлуката, било во спротивност со еден меѓународен договор кој таа земја го има со трета држава (Македонија). НАТО е меѓународна организација и не беше странка во спорот пред Судот, а нема ниту никакви обврски од Времената спогодба од 1995 година.
Република Македонија воопшто не бара (колку што ми е мене познато), НАТО да ја спроведе Пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Таа едноставно бара, членката на НАТО - Грција, да го сообрази своето поведение со Пресудата. Во исто време, Пресудата треба да се користи од нашите дипломати и политичари, кои постојано ќе ги потсетуваат другите земји членки на НАТО, но и претставниците на НАТО, дека Самитот во Букурешт бил теренот на кој Грција извршила повреда на еден меѓународен договор, што потоа е и пресудено од Меѓународниот суд на правдата. Или по аналогија, во клубот наречен НАТО, Грција во присуство на другите членови на клубот, го изврши својот злостор против Македонија. Уште повеќе, Судот утврди дека мотивот на Грција за таквото прекршување на Времената спогодба е за да добие недозволена предност во преговорите за името. На тој начин, би требало да се ослабнува поддршката на најмоќните земји-членки на НАТО, за Грчкиот предлог за промена на името на нашата земја во "Република Северна Македонија", како некакво фер и компромисно решение со кое и ние би требало да сме задоволни.
Она што Генералниот секретар на НАТО не го спомена, а не е ниту негова задача да го стори тоа, е дека најзначајните земји членки на НАТО (САД и земјите од ЕУ, со исклучок на Грција) направија сериозен исчекор во полза на Република Македонија, а директно против Грција, во нивниот став по однос на спорот за името, како непосреден резултат на Пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Тој исчекор беше материјализиран во предлогот на Медијаторот Нимиц од 8 април 2013 година, кој е суштински многу поповолен за нашата страна, во однос на она што САД и ЕУ го поддржуваа од 2008 година до тој момент.
Фактор: Постојат ли реални шанси во наредните неколку месеци да се направи некаков посериозен исчекор во македонско - грчкиот дијалог ?
Дескоски: Моето мислење е дека изгледите се многу мали за било каков исчекор во правец на постигнување на договор за разликата за името. За тоа има две пречки.
Првата е внатрешната состојба во двете држави, во кои атмосферата е наелектризирана и е под голем притисок.
Втората е губењето на интересот на меѓународните фактори на моќ. За жал, се покажа дека очекувањата на некои кругови во нашата земја, дека кризата во Украина ќе биде доволен мотив за членките на НАТО целосно да и го завртат грбот на Грција и да застанат зад нашата земја, се без реална основа и се спротивни на сите начела на кои почиваат меѓународните односи. Напротив, се чини дека почетните симпатии кои постоеја за нас по Пресудата од Хаг почнуваат да спласнуваат, а нив ги заменува индиферентност.
Во односите со НАТО и ЕУ, нашата земја е страната која сака (или барем би требало да сака) да влезе под чадорот на безбедност и демократија, а не се НАТО и ЕУ тие кои сакаат да ја зголемат својата вредност со нашиот прием. Влезот под тој чадор има своја цена, а на нас е да решиме дали е таа преголема за насили не. како што веќе наведов, таа цена минатата година значително се намали. Во меѓувреме, Македонија е на ветрометината на влијанието на нејзините соседи, кои се сите до еден помоќни од неа, а со тоа можат сериозно да создаваат бранови за нашето кајче.
Г.Ч.
Слично
