Дениса ќе биде погребана, причините за нејзината смрт уште се бараат
Во Прилеп денеска ќе биде погребана младата Дениса Маркоска, која мистериозно загина додека работеше на брод во Егејското Море. Од Институтот за судска медицина во Скопје семејството вчера ја доби и официјалната потврда дека телото пронајдено во близина на грчкиот остров Карпатос е на Дениса.
Сепак, досегашната истрага и во Грција и од македонска страна не дава повеќе детали за околностите во кои починала младата девојка. Таа последен пат била видена на палубата на бродот каде што пушела цигара и кажала дека ќе оди да спие. Нејзиното исчезнување било откриено неколку часа подоцна, а инцидентот бил пријавен во полиција дури откако бродот застанал во следното пристаниште.
Маркоска подолго време работела на бродот „Серенисима“, а неодамна добила ново продолжување на договорот. По неа се трагаше неколку недели. Во потрагата беше вклучен и Интерпол, а грчките власти открија едно безживотно тело за кое со ДНК анализа утврдија дека и припаѓа на Дениса.
Според неофицијални информации, во Институтот за судска медицина ќе продолжи анализата на примероците земени од телото на Дениса кои треба да откријат како починала младата девојка.
Слично
