Денеска се одлучува колку ќе поскапи парното, струјата веќе има повисока цена
Според најавите на министерот за економија, Крешник Бектеши, но и според обврските на Регулаторна комисија за енергетика, денеска треба да се знае колку ќе биде поскапувањето на парното во 2022.
Бектеши вчера рече дека на маса во Владата се повеќе опции за тоа како да им се помогне на граѓаните кои го користат. Министерството за економија ќе им исплаќа од 600 до 800 денари месечно на ранливите категории на граѓани во текот на следната година за покривање на трошоците за зголемувањето на цената на електрична енергија.
Фактор го праша БЕГ дали има ризик потребните количини гас да не се обезбедат за од стартот на идната година и дали е можно на први јануари граѓаните на Скопје да се разбудат со студени радијатори, на што го добивме следниов одговор.
„Балкан Енерџи Груп“, Регулаторната Комисија за енергетика и Владата на Република Северна Македонија се максимално ангажирани за да се обезбеди континуирана испорака на топлинска енергија кај потрошувачите приклучени на системот за централно греење до крајот на грејната сезона“, се вели во одговорот што го добивме од БЕГ.
„Макпетрол“ ги обезбедил потребните колични гас од „Гаспром“ за сите свои потрошувачи, но од таму велат дека никогаш не преговарале за било какви колични за ТЕ-ТО или БЕГ. „Макпетрол“ го склучи договорот со руски „Гаспром“ за набава на гасот за домашни потрошувачи по цена за 30 отсто пониска од берзанската. Со овие количини ќе се снабдат повеќето компании во слободните зони, „Алкалоид“, топланите на ЕСМ, топланите на Скопје Север.
„Ние обезбедивме гас за сите наши потрошувачи во директен договор со Гаспром. За други количини не станало збор. Односно сите количини кои ги побаравме од Гаспром, беа одобрени и ги добивме. Цената што ја постигнавме во овој договор со „Гаспром“ е за 30 отсто пониска од берзанската цена а сите деловни партнери што соработуваат со „Макпетрол“ ќе имаат обезбедна стабилна и навремена испорака“, велат од компанијата и додаваат дека покрај другите деловни партнери, „Макпетрол“ со гас снабдува и дел од компаниите што обезбдуваат парно греење за граѓаните, меѓу кои не е БЕГ.
Инаку вчера РКЕ по одржаната седница објави дека електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар се зголемува за 9,48 отсто за следната година, а и дека се укинува дневната евтина тарифа.