Денеска ќе се потпише конечниот извештај на комисијата за 24 декември
Конечниот извештај за настаните од 24. декември минатата година се очекува да биде потпишан денеска попладне. Претседателот на ад-хок комисијата Борче Давитковски за медиумите потврди дека во 12 часот е закажана средба со членовите од ВМРО - ДПМНЕ Илија Димовски и Благородна Дулиќ и од СДСМ Љубомир Фрчкоски и Рената Десковска Треневска.
Премиерот Никола Груевски синоќа откако СДСМ ги отфрли двете понудени опции за извештајот и за предвремени парламентарни избори, соопшти дека ВМРО - ДПМНЕ донесе одлука во интерес на државата и по цена на сопствена штета да гласа и да потпише извештај на ад хок Комисијата каков што сака СДСМ.
- Нека ги напишат нивните правни квалификации на кои застанавме, и ако тоа ги исполнува, не со надгласување, туку ние ќе им ги изгласаме заедно со нив. Ако ним не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен. Се разбира за нас и за најголемиот дел од граѓаните во Македонија тие правни квалификации нема да се ниту валидни, ниту се согласуваме со нив, нагласи Груевски.
Тој додаде дека во интерес на државата како партија со најголема доверба од народот и партија која неслучајно седум пати по ред ја добива довербата на мнозинството граѓани, како што рече: „ќе подметнеме грб и се ќе изгласаме и се ќе им потпишеме“.
