Денеска ќе биде познато дали новиот хепатитис стигнал во Србија - СЕ ЧЕКААТ ПРВИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД АНАЛИЗИТЕ
Првите резултати од анализите и тестовите на деветгодишното момче, кое веќе три дена лежи во Институтот за мајки и дете „Д-р Вукан Чупиќ“ во Белград и за кого лекарите се сомневаат дека боледува од нов тип на хепатитис, ќе се знае денеска, дознава Нова.рс.
Доколку тестовите покажат дека детето боледува од новиот тип хепатитис, резултатите и потврдата за оваа болест веднаш ќе бидат пријавени во Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“. Имено, вчера пристигнал допис од Институтот до сите здравствени установи во земјава, да пријават што поскоро, доколку имаат и најмало сомневање за новиот вид на болест која го напаѓа црниот дроб кај децата.
Деветгодишното момче, кое било примено во Заводот за мајка и дете, во оваа установа пристигнало само со еден симптом - пожолтена кожа, без болка и во добра клиничка состојба. Сепак, сите претходни тестови укажуваат на новиот тип на хепатитис.
„И во понеделник ќе направиме прегледи кога, се надевам, ќе знаеме дали се работи за новото заболување. Веќе направивме бројни анализи, но се уште не можеме со сигурност да потврдиме дека се работи за новиот вид на хепатитис. Протокол за лекување на оваа болест не постои и тоа е она што не загрижува. Инаку, за акутен хепатитис не се дава таргетирана терапија, тој се лекува симптоматски“, објаснува за Нова.рс д-р Драган Прокиќ, педијатар и гастроентерохепатолог, раководител на Одделот за преглед и третман на дигестивни заболувања при Институтот за мајка и дете.
Лекарите се посомневале во нова болест кога откриле дека црниот дроб на момчето е во многу лоша состојба.
„Детето е клинички во добра состојба, но е жолто. Не се жали на болки, но црниот дроб му е во тешка и лоша состојба и загрижени сме дека кај 10 отсто од малите пациенти црниот дроб не закрепнува“, вели д-р Прокиќ, кој е и шеф на кабинетот за ендоскопија. дијагностика и третман.
Пациентот не е во животнозагрозувачка состојба, но е тешко болен, бидејќи црниот дроб не му е во стабилна состојба.
„Мислевме дека можеби е хепатитис А, но по сите анализи и тестови што ги направивме, се покажа дека тоа не е дијагнозата. Инаку, на секои три до четири години имаме пациент со хепатитис, воспаление на црниот дроб од непозната причина. Најголемиот проблем овде е што постои шанса црниот дроб да не се врати во нормала и тоа мора да го следиме. Во случај на влошување не е исклучена можноста за потреба од трансплантација. Дефинитивно ќе остане на преглед, а новите анализи ќе покажат каква е дијагнозата и ќе се потрудиме да го излечиме детето“, нагласува д-р Прокиќ.
Да потсетиме, сомнежот за првиот случај на нов тип на хепатитис во Србија е забележан кај деветгодишна пациентка во Институтот за мајка и дете „Д-р Вукан Чупиќ“ во Белград. Болеста во последните неколку месеци се шири во европските земји, а особено го погодува црниот дроб кај децата. Новиот тип на хепатитис досега е регистриран во Ирска, САД, Израел, Холандија, Шпанија, Данска, Италија, Норвешка, Франција, Белгија, Романија, Јапонија, Канада…
