ДЕНЕС ПРОТЕСТ: следен чекор на средношколците камп пред Министерството!
Средношколскиот пленум е дециден-нема прекин на бојкотот на наставата кој трае веќе трета недела во дел од средните училишта низ земјава. Тие преку денешниот трет протестен марш уште еднаш сакаат да им порачаат на надлежните да ја прифатат нивната подадена рака за дијалог, во спротивно спремни се за уште порадикални чекори.
Според средношколците надлежните не им оставиле никаква друга можност освен целосно работите да ги превземат во свои раце. Оттука на интерните пленуми се разговара следен чекор да биде кампување пред ресорното министерство за да му покажат на министерот Адеми и неговите раководни органи, дека тие имаат сериозни и аргументирани барања.
Деновиве врз членовите на Средношколскиот пленум и нивните родители биле вршени силни притисоци да се откажат од идејата за протест, но според најавите отстапки нема- гласно од улица уште еднаш ќе побараат средба со надлежните и прифаќање на нивните барања за стопирање на екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на државна матура.
“Деновиве трпиме притисоци од сите страни. Дел од професорите на секој начин бараа од нас да ги потпишеме пријавите за полагање на државна матура, но голем број од учениците односно матурантите се солидаризираат со средношколската борба и не ги потпишуваат. Од друга страна има и родители кои попуштија пред притисокот, па ги терале своите деца да не си играат со иднината. Денеска во 13 часот во повеќе скопски гимназии се закажани наставнички совети. Во гимназијата” Јосип Броз -Тито” веќе два –три дена има настава, под силни притисоци врз учениците и нивните семејства. Во средното училиште “Никола Карев” за денеска е закажана ексурзија за средношколците, само да не дојдат на протестниот марш. Ова се само дел од начините да го стопираат нашето делување”-велат од Средношколскиот пленум.
Притисоци има и врз професорите кои јавно застанаа во одбрана на ставовите на своите ученици. Уште пред неколку дена им било посочено дека сите кои ќе ги подржат или ќе бидат заедно со учениците на третиот протестен марш ќе бидат санкционирани со парични и други видови на казни. Дополнително за денеска се најавени и засилени инспекциски надзори во училиштата. Во скопската гимназија “Георги Димитров” за денеска е закажан Наставнички совет и било побарано задолжително присуство на сите професори, во спротивно ќе им била укината дневницата.
“Ние трпиме притисоци од самиот почеток. За жал морам да потенцирам дека сме малубројни кои јавно кажуваме дека сме рамо до рамо со своите ученици. Тие се наши деца, но се многу похрабри да го кажат својот став без да се кријата и плашат позади другиот. Има колеги кои зад грб не се сложуваат со сите неправилности кои се случуваат во образованието, трпат притисоци и закани и покрај тоа што не го изразуваат својот став јавно, а пак молчат. Неразбиливо. Јас ќе бидам со учениците и може какви сакаат казни да ни наметнат. Се работи за историска образовна борба во која нашите деца ни покажаа и не учат како треба да се бориш за своето право во една демократска земја. Ако сега замолчиме, ќе трпиме уште многу” -вели професорка од гимназијата “Георги Димитров” и член на Наставничкиот совет.
Од професорите во оваа скопска гимназија деновиве било побарано да превземат мерки за отстранување на последиците настанати со прекин на наставата поради бојкотот на учениците и за превземените мерки да го ИЗВЕСТАТ Државниот просветен инспекторат со поднесок заверен во архива во рок од три дена. Задолжението им било прочитано на Наставнички совет од страна на директорот, а професорите иако побарале не им било овозможено да имаат на увид што се содржи истиот. Оваа како што ја нарекуваат наредба или задолжение била истакната на огласна табла во училиштето, а на наставниот кадар му било посочено да делува како што сака и да ги трпи последиците од својата одлука. Од Наставничкиот пленум потенцираат дека на овој начин уште еднаш се покажува дека врз нив се врши своевидна тортура преку ваков вид на закани со недефинирани казни.
Меѓаши:Средношколците се наши деца!
Подршка на средношколците им упати и првата детска амбасада Меѓаши која преку отворено писмо се обрати до министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми од кој побара да го препознае потенцијалот кој го носат младите и да ја испочитува нивната одлучност активно да придонесат во создавањето на подобар систем на образование во Република Македонија.
“Децата ризикуваат матура и упис на факултет! Протестираат и бојкотираат и се солидаризираат едни со други без оглед дали ќе полагаат математика или не. Изложени се на секојдневни притисоци дека нема да полагаат матура, дека мора да потпишуваат разни изјави. Не ни е јасно што се чека? Министерството за образование, наместо да преземе одредени мерки кои ќе им помогне во барањата на учениците, кои се пред се во нивен интерес, тие со своите постапки ги казнуваат, заплашуваат, да им се закануваат, понижуваат, потценуваат“, стои во обраќањето на Меѓаши.
Од Првата детска амбасада прашуваат дали е потребно да се создаде уште поголем револт и уште поголем гнев и на учениците и на родителите, па нездоволството да се прелее во порадикални форми од бојкот и доколку тоа се случи кој ќе ја преземе одговорностза за случувањата? Решенијата на проблемот и први чекори кон промена, според Меѓаши се воспоставувањето контакти меѓу двете страни и започнување или одржување комуникација..
Средношколскиот пленум на денешниот протестен марш добива подршка од Студентскиот, Наставничкиот и Професорскиот пленум. Јавна подршка до средношколците деновиве на нивниот ФБ профил изразија и актери, музичари, новинари кои упатија апел сите граѓани да излезат и да ја подржат автентичната борба на средношколската младина. Денеска точно напладне протести ќе има и во Охрид и Битола каде средношколците заедно со своите родители, професори и граѓани кои ќе им дадат јавна подршка ќе маршираат низ улиците.
Средношколците потенцираат дека денешниот протестен марш е надпартиски, надетнички и наднационален. Во оваа борба за подобро образование се вклучуваат и албанските средношколци кои повикаа на масовност во сите градови каде точно напладне ќе се протестира против, според нив лошите образовни реформи и игнорантскиот однос на власта кон средношколците.
Од Министерството за образование и наука нема официјален став дали и кога министерот Адеми ќе се сретне со претставници на Средношколскиот пленум, иако тој во неколку наврати најави дека ќе оствари средба со нив. Ресорниот министер единствено досега се сретна со Средношколската Унија со која договорија математиката да биде задолжителен предмет во државната матура само за природно-математичките насоки. Со оваа одлука не се сложуваат од Средношколскиот пленум, кои бараат враќање на стариот концепт на државна матура.
Слично
