Денес протест и контрапротест пред Уставен суд
Од платформата за граѓанска политика АЈДЕ, за денес во 18 часот најавија протест кој ќе почне од пред Владата.
Луѓето кои ќе протестираат ќе поминат покрај народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов, Собранието и ќе завршат со маршот пред Уставниот суд.
Пред Уставниот суд вечерта ќе организираат бдеење над Уставот, а в среда ќе ги пречекаат уставните судии кои на седница треба да одлучуваат за иницијативата, да се прогласат за неуставни дел од одредбите на Законот за помилување, кои забрануваат претседателот да амнестира за дела поврзани со изборен криминал.
Организаторите ќе побараат оставки од уставните судии кои ја поддржуваат ваквата иницијатива.
Вчера и опозицијата најави дека ќе се придружи на овој протест, а од политичката партија ГРОМ на Стевче Јакимовски пак најавија контрапротест.
Лидерот Стевче Јакимовски вели дека институциите не смеат да работат под притисок, а секој треба да сноси одговорност за својата работа.
„Видовме дека високи партиски функционери изјавуваат оти не ги признаваат судовите, не го признаваат обвинителството и одат дотаму што не покажуваат почитување ниту за највисоките судски инстанци, вклучувајќи го Врховниот и Уставниот суд. ГРОМ сака да покаже дека огромен број од граѓанството во Република Македонија си ја сака државата, ги почитува институциите зошто тие се наш, и се создадени да им служат ним. Ако нема институции, нема ни држава“- вели Јакимовски.
Тој рече дека институциите се напаѓани од политички причини и непринципиелно.
