Денес продолжува опозициската „канонада“ над Нина Ангеловска
Втор ден по ред продолжува собраниската расправа за предложените нови министри, односно заменици-министри во Владата на Македонија, а се очекува, исто како и вчера, попладне во фокусот на пратениците од опозицијата да биде Нина Ангеловска.
За нов министер за финансии е предложена 31-годишната Нина Ангеловска, инаку позната како основачка на Групер.мк, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ иако го честитаа потегот да се постави за прв пат жена раководител на тој ресор, сметаат дека нејзината младост и, како што тврдеа вчера, наводното незнаење во што се вплеткува ќе биде хендикеп во нејзиното работење.
Најекстремен беше случајот со пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој праша дали се исплаќаат плати на рака во фирмата на Ангеловска и кои се профилите на луѓето во Вебспот, фирма-мајка на Групер. Ѓорчев од собраниската говорница тврдеше дека „некаде прочитал“ како таа им давала 200 евра минимална плата на своите ИТ-инженери и веб дивелопери за наводно остатокот да им го даде како непријавен. Премиерот Зоран Заев на ова му одговори дека во денешно време ниту еден вработен од тој сектор, кој важи за најплатен во Македонија, не би прифатил такво нешто.
- Тоа е ВМРО-ДПМННЕ. Е-баинг не дозволува толку мала плата. Самиот пазар на труд дава опција секој во тој сектор да има над 50.000 денари. Но не личи со ваква девастираност тоа да го зборувате. Така ли ќе им даваме поттик на младите. Нина избрана е да биде пример за другите млади луѓе да бидат тука. Вака не ги мотивирате, му одговори Заев.
Премиерот Заев им порача на опозициските пратеници да се воздржат од интриги со кои го валкаат и дискредитираат професионалниот бекграунд на Ангеловска.
"Имате успешен млад човек, а вие со леснотија и од старт ја уништувате како личност. Кажувате негативен пример само за политички цели затоа што не е од ВМРО-ДПМНЕ. Разбирам различни ставови и критики, но ваков наратив не може да ја подобри состојбата на државата", рече Заев реплицирајќи му на Ѓорчев.
