Економија, финансии, бизнис

Контакт

Денес последен ден за договор, од утре колапс на јавниот сектор

Денес последен ден за договор, од утре колапс на јавниот сектор

Колапс на јавниот сектор не очекува од утре доколку денеска Владата не прифати линеарно зголемување на платите на административците за 2.806 денари и потпишување Колективен договор со кој и тие од наредната година ќе добиваат К-15.

Владата во предлог за годишниот буџет не вклучила одредби за зголемување на платите за вработените во јавниот сектор, а тоа според ССМ е прекршување на Законот за минимална плата од февруари 2022 година.

Вчера, на првиот ден од амандманската расправа во собраниската комисија за буџет, мнозинството го одби амандманот на Сојузот на синдикати на Македонија за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор од 2806 денари, поднесен од опозициска група на пратеници.

Сојузот на синдикатите на Македонија ги прави последните подготовки за штрајкот што ќе се реализира на работните места. Засега се знае дека секој ден на по два часа вработените ќе излегуваат пред институциите за да и покажат на јавноста дека се во штрајк, но од ССМ информираат дека постојано заседаваат и договараат и други облици на изразување на незадоволството. 

Засега нема никаква најава од Владата дека би можеле да се состанат со ова здружение. За штрајк се подготвуваат вработените во управата, правосудството, здравството, полицијата, комуналните претпријатија и други сектори.

Во овие сектори ќе работат само по 10 проценти од вработените, а ќе се извршуваат само итните работи и активностите кои не смеат да сопрат за да не се загрози здравјето, животот и личната сигурност на вработените или граѓаните.

Поддршка на штрајкот вчера дадоа генералните секретари на Меѓународната конфедерација на синдикати, Шаран Бароу и на Европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини. 


Слично

Поврзани вести