Денес нови преговори на политичките лидери
Никола Груевски, Али Ахмети, Зоран Заев и Мендух Тачи , се состануваат под покровителство на европските и американски дипломати.
Лидерите на македонските партии, денес повторно се состануваат на преговори , под покровителство на американскиот пратеник Џес Бејли и шефот на делегацијата на Европската унија во Македонија , Аиво Орав,
Ова ќе биде трета ваква средба, а целта е да се постигне дијалог и поддршка на демократските вредности како би се постигнал напредок на евроатлантскиот пат на земјата.
Опозицискиот лидер Заев, вчера порача дека на државата и е потребна транспарентна власт.
Тоа го кажа на дебатата во шаторскиот камп пред Зградата на Владата, во која учествуваше заедно со претставниците на невладиниот сектор, академската заедница и новинарите.
Ден пред новите преговори на власта и опозицијата во Скопје се расправаше за тоа каква Македонија сакаат после излезот од политичката криза.
Главни теми беа трошењето на јавните финансии, односот на државата кон медиумите, образованието и положбата на младите.
„Ако се формира преодна влада како што бараат опозицијата и невладините организации, дали мислите дека е можно партијата на власт и понатаму да ја контролира државата - секако дека не. Повеќе не е можно да се врши притисок на судството и да се диригираат судски одлуки. Со преодната влада повеќе нема да може годишно да се трошат по 20-30 милиони евра на корумпирање на медиумите“, рече Заев.
Минатата недела во Стразбур со посредство на европските дипломати, Груевски и Заев водеа разговори, но без договор за решение на политичката криза.
