Денес ќе знае дали ќе им бидат одземени пасошите на Јанкулоска и началниците на УБК
Откако Специјалното јавно обвинителсто ги осомничи и притоа предложи мерки на претпазливост во случајот „Тврдина“ денеска треба да биде соопштена одлуката дали ќе им бидат одземени патните исправи на екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, двајцата началници на МВР и еден архивар.
За одлуката решава судија на претходна постапка, додека пак Кривичниот суд треба да се произнесе за мерката притвор на Горан Грујевски.
Адвокатскиот тим на Началникот на Петта управа на МВР ја обжали одлуката на судот за притворот на Грујевски кој во моментов се наоѓа во притвор на Шутка.
„Тврдина“ е наречен предметот кој го отвори Специјалното јавно обвинителство, а во кој се истражува незаконско уништување на опрема за прислушкување во УБК чија вредност изнесувала 10 милиони евра.
Специјалните обвинители излегоа со точни датуми кога почнале активностите на осомничените, кога ја уништиле опремата и како се обиделе да ги сокријат трагите.
Осомничени се Началникот на Петта управа на МВР Горан Грујевски, уште две раководни лица во МВР, архиварка, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
СЈО тврди дека поседува голем број на материјални докази, како и изјави на сведоци. Ако се докаже вината, на осомничените им се закануваат казни затвор од 5 до 20 години. „Тврдина“ е симбол за нешто што тешко се освојува.
Јанева и нејзиниот тим ја почнаа акцијата за завземање на „тврдината“.
