Економија, финансии, бизнис

Контакт

Денес „бомба“ и марш на СДСМ

Денес „бомба“ и марш на СДСМ

После паузата од неколку недели, објавувањето на опозициските „бомби“ продолжува.

Денес ќе се објавува 34 „бомба“ од пред Влада.

До сега се објавени 33 бомби од вкупно 102, неодамна посочи лидерот на СДСМ Заев, а било планирано во првата фаза да бидат објавени 35.

Денешниот термин се уште не е познат но се претпоставува дека ќе биде 14 или 14,30 ч.

Бомбите За А1 телевизија и Смиљковско пред митингот на опозицијата не беа обелодените поради кумановските настани, со оглед на нивната сензитивност.

Ветивме дека ќе ја соопштиме целата вистина и не бегаме од тоа, изјави Заев пред некој ден за Дојче Веле.

„Не е во прашање само ‘Смилковско езеро’. Има и други содржини што и ги ветивме на јавноста, а до денес не се објавени, како што е и случајот ‘А1 телевизија’, ‘Скопје 2014′ и многу други. Изминативе денови имаме многу активности – протест, лидерска средба во Скопје, средба во Стразбур… Објавувањето на ‘бомбите’ привремено беше запрено затоа што сакавме да му дадеме примат на протестот. Но, ништо нема да остане необјавено. Кон крајот на неделава ќе донесеме одлука кога ќе продолжиме со објавувањето и на другите содржини од ‘Вистината за Македонија’. Затоа, молам за трпение и за разбирање“, изјави неодамна Заев.

Протестниот марш пак кој го носи мотото: „Стоп за народниот грабеж, бараме оставка! “ ќе започне во 18 часот од Кампот на слободата до министерството за финансии.

„И по 11 дена кампување пред владата се уште нема оставка и политичка одговорност од Никола Груевски за криминалот и неправдата кои им ги нанесе на граѓаните на Македонија. Ги повикуваме граѓаните да се приклучат на денешниот марш и заедно да му порачаме да си оди за доброто на сите. Ние не се откажуваме од нашите барања, Груевски мора итно да замине за да престане агонијата во која живееме од неговото владеење“, порачуваат од иницијативата.

После завршувањето на маршот пред Влада ќе има обраќања на новинари, политичари и активисти . Дел од обраќањето ќе бидат Младен Чадиковски, новинар и уредник во неделникот Фокус, Драган Тевдовски –  политичар, Борче Чупетревски – бизнисмен и Крсте Шајноски – универзитетски професор.

Во 20 часот почнува музичка програма со едночасовен диџеј сет на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и рок свирка на групата „Страна Б“ која е планирана да започне во 21 часот.

Слично

Поврзани вести