Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Ден за вработување“: „Маркарт“ вработува 500 лица во фабриката во Велес

„Ден за вработување“: „Маркарт“ вработува 500 лица во фабриката во Велес
Германската компанија „Маркарт“ на 4 октомври организира „Ден за вработување“ и ги бара првите работници за фабриката што ја отвора во Велес. Фабриката треба да започне со работа кон средината на идната година, а во следните неколку месеци се очекува да бидат вработени првите 100 лица. Во следните пет години, пак, во оваа фабрика ќе се отворат над 500 работни места. На „Денот за вработување“ заинтересираните кандидати ќе можат да добијат повеќе информации за перспективите на германскиот снабдувач на автомобилски делови во Македонија. „Бараме квалификуван и обучен персонал, како и вработени за поедноставни работни места, кои сакаат заедно да го градат и развиваат нашиот објект во технолошки софистициран производствен погон. Убедени сме дека можеме да најдеме вакви луѓе во Македонија и дека заедно со нив можеме да отвориме ново поглавје во успешната приказна на нашата компанија која трае веќе речиси 90 години“, изјави главниот извршен директор на Маркарт Групација, Харалд Маркарт. Дел од лицата што ќе бидат регрутирани во фабриката на „Маркарт“ ќе започнат со својот професионален ангажман уште од 1 ноември 2014 година. Потоа ќе следуваат специјализирани обуки за сите сегменти од работењето. „Инженери, квалификувани работници, почетници, но и необучени работници или моментално невработени кандидати се добредојдени“, изјави генералниот директор на фабриката на „Маркарт“ во Велес Волфганг Аихер. Тој вели дека планираат вработените да имаат плати во согласност со стандардот во Македонија.

„Мора да се соочиме со фактот дека не сме тука бидејќи сакаме да даваме европски или германски плати, туку затоа што сме задоволни со платите во земјава. Ќе имаме редовни и законски плати како и другите компании што веќе инвестирале во Македонија“,  рече Аихер.

Во фабриката на „Маркарт“ во Велес ќе се произведува за реномирани германски и меѓународни европски автомобилски производители, како што се Mercedes-Benz, BMW, Volkswagen, Audi, како и за Peugeot, Citroen или Renault. Ќе се изградат погони за производство на пластика, електроника и монтажа.

Инвестицијата на Маркарт во Велес ќе изнесува од 35 до 50 милиони евра во наредните пет од 10 години. Овој тип на производство бара познавања од кадрите и очекувањата на Маркарт, според министерот за странски инвестиции Веле Самак, се дека ќе наидат на голем број на кадри и заинтересираност во Македонија и дека сепак ќе вложат големо ниво на тренинг во процесот на обука.

Маркарт во Велес ќе биде лоциран во индустриската зона Каласлари која се протега на површина од 24 хектари.

Слично

Поврзани вести