Ден на национална жалост во Бугарија за жртвите од поплавите
Денешниот ден е прогласен за Ден на национална жалост во Бугарија за жртвите во катастрофалните поплави што ја зафатија земјата. Според последните податоци 12 лица го загубија животот во поплавите - 11 во Варна и 1 во Добрич. По уште две деца се трага.
Во Соборниот храм „Свето Успение Богородично“ во Варна денеска се одржува литургија за помен на загинатите, на која ќе присуствува и бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, а панихиди има и во повеќе други храмови низ земјата.
Но, ужасот ни од далеку не е завршен. Во текот на вчерашниот ден биле издадени вкупно 27 заповеди за итно напуштање на куќи и згради во најпогодената област „Аспарухово“ за кои се верува дека можат да се урнат секој момент.
Зградите се оградени со сигнална лента, а на сопствениците им е наложено да ги напуштат имотите во рок од шест часа. Поради штетите нанесени во поплавите, експертската комисија проценила дека овие згради не се безбедни за живеење, а не се исклучува можноста да има и други такви опасни објекти.
Кога излегле на терен, експертите увиделе дека повеќе од 50% од куќите и зградите во „Аспарухово“ се дивоградби. Според плановите на општината. во Аспарухово било предвидено да се градат два канали, кои доколку биле изградени дури и би можела да се спречи трагедијата која го зафати ова место.
Слично
