Ден Дончев: Жално е што старите членови на ВМРО се жртви на Груевски
Еден од влијателните организациони кадри во врвот на ВМРО-ДПМНЕ Ден Дончев кој живее и работи во Австралија за Фактор вели дека на одбележувањето на годишнината на партијата слушнал директна закана од Никола Груевски за насилство против основното демократско право на мирни протести. Дончев кој во еден период му беше близок соработник на екс премиерот и лидер на владејачката партија вели : „Жално е што денес, покрај многумината други, жртва на тоталитаризмот воведен од Груевски, се токму и голем број од старите членови на ВМРО-ДПМНE”.
Дончев – чиј глас беше препознаен во посредувањето меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и контроверзниот српски бизнисемн и Јовица Стефановиќ-Нини во договарањето на продажбата на „Македонска банка“ и исплата на 1,5 милиони евра во кеш , порачува „Историјата покажала дека демократијата секогаш го победува тоталитаризмот. Неминовно е дека тоа ќе се случи внатре во партијата како и во Република Македонија! Еве го неговиот став:
ВМРО-ДПМНЕ е партијата која пред 26 години беше предводник на демократизацијата на Македонија и борбата против едноумието и тоталитаризмот. Жално и трагично е што последниве неколку години токму ВМРО-ДПМНЕ влезе во тоталитаризам.
Демократија, слобода, слобода на говор, дебата, слободни медиуми, силно цивилно општество, владеење на правото, слободна пазарна економија, минимизирање на улогата на државата во економијата и Евро-Атланска иднина на Македонија, беа клучните темелни вредности за кои Партијата тогаш се залагаше.
Во последните десет години, сите овие темелни вредности кои беа сржта на идејата и идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ во 90-сетите, беа тотално згазени
Слушнав една изјава од поранешен Генерален Секретар на ВМРО-ДПМНЕ, (Борис Змејковски, н.з.) еден од основачите на партијата во 1990-та година. Нормално, вели тој, во последните 26 години партијата имала и подеми и падови, но последните десет години биле токму таа идеја и идеологија за која тој како основач и огромното старо членство на ВМРО-ДПМНЕ се залагале.
Не знам за која „идеја и идеологија“ овој поранешен генерален Секретар зборува. Но, како шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМЕ во 1998-ма година, кога партијата освои историска победа, многу добро се сеќавам за кои идеи и идеологии тогаш сите во врвот се боревме.
.И ако тоа не беше доволно, на одбележувањето на годишнината на партијата слушнавме директна закана од Никола Груевски за насилство против основното демократско право на мирни протести.
Жално е што денес, покрај многумината други, жртва на тоталитаризмот воведен од Груевски, се токму и голем број од старите членови на ВМРО-ДПМНE.
Сепак историјата покажала дека демократијата секогаш го победува тоталитаризмот. Неминовно е дека тоа ќе се случи внатре во партијата како и во Република Македонија!
подготви Горазд Чомовски
