Демонстрантите го испија утринското кафе пред Влада
Дел од учесниците на вчерашниот опозиционен митинг после завршувањето на истиот, ги распослаа шаторите пред Влада и решија да им бидат први соседи на Владата и премиерот.
Стотици граѓани утрово се разбудија со поглед вперен кон Влада , и утринското кафе го испија во дружба.
Ноќта помина мирно, без инциденти, со разни активности, играње шах, музика, муабети а оние кои спиеле во шаторите велат дека своите меки постели ги замениле со овие импровизираните поради подобра иднина.
Демонстрантите засега се одлучни. Нема лесно да си заминат од пред Влада.
-Подготвени сме овде да останеме до крај. Се додека не падне оваа Влада, сакаме подобра иднина за нашите деца, вели еден граѓанин.
Нивното барање е повлекување на Премиерот Груевски и цела влада.
За денес на програмата до 11 часот е предвидено чистење и организирање на поставениот камп, па до 13 часот на бина ќе ги забавува диџеј Цена.
За во 13 ч е закажана прес конференција на СДСМ а потоа истовремено ќе се одржува женски базар, но и рекреација и спорт за присутните. Меѓу 18,30 и 19,30 часот ќе има трибина со повеќе говорници, а до 22,30 часот ќе настапуваат музичари од поставената бина.
Денот е планиран да заврши со проекција на филмот „Животот е убав" на режисерот и актер Роберто Бенини.
