Економија, финансии, бизнис

Контакт

Демократска зрелост-студентска правда: Ќе го смени ли УКИМ Статутот за нов модел на студентско претставување?!

Демократска зрелост-студентска правда: Ќе го смени ли УКИМ Статутот за нов модел на студентско претставување?!

Комисијата за менување на Статутот на УКИМ денеска по втор пат ќе седне на заедничка маса на која треба да разговара за проблемите околу студентското организирање преку менување на Статутот на УКИМ . Нејзиното формирање беше иницирано во јуни откако студентите од Пленумот беа тепани пред канцеларијата на Студентскиот парламент од страна на Единицата за брзо распоредување  за време на изборите за ново студентско раководство. Пленумците велат дека ќе предложат конретни решенија за моделот на студентско претставување. Според нив не треба да се менуваат внатрешните акти на Студентскиот парламент, туку треба да се произнесе комплетно нов модел на студентското организирање што значи дека студентската организација треба да стане орган во рамките на Универзитетот „Кирил и Методиј", а не да биде невладина организација која што однадвор има директно учество во сите управувачки органи на Универзитетот и применува овластувања во академската заедница.

“Студентскиот пленум во јуни иницираше формирање на комисија за промена на моделот на студентското организирање на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ бидејќи за времена изборите студентите беа тепани пред канцеларијата на Студентскиот парламент од страна на Единицата за брзо распоредување, а Универзитетот не посвети никакво внимание на овој горчлив настан. Минатата недела  Комисијата се состана, а наши претставници и покрај нападите  одлучија да бидат максимално конструктивни и да присуствуваат во работата на комисијата. Се надеваме дека конечно ќе добиеме правилно и коректно уредување на студентското претставничко тело но само преку менување на Статутот кој ќе обезбеди поголема контрола врз нивната работа и реален приказ на работите”- вели студентката Деа Здравковска.

Според неа  на студентите им е потребно раководство кое ќе биде избрано на отворен, демократски, транспарентен и легитимен начи кое пред сè ќе работи за интересите на студентите, раководство кое ќе го слуша гласот на студентите, а не да го игнорира.

“Дел од професорите во  Сенатот и претставниците на парламентот сметаат  дека СПУКМ не треба да биде тело во склоп на УКИМ, туку универзитетот и факултетите да учествуваат само во изборните процеси без понатамошна доработка на другите сегменти. Со ова се изоставуваат и не се дефинираат контролата врз финансирањето на невладината организација, учеството на други индивидуи и студентски организации во управувањето на универзитетот, механизмите за отповикување на претставниците, јавноста на информациите на организацијата. Дискусијата за ова прашање  минатиот пат траеше долго, но не се донесе никаков заклучок.За нас беше дискутабилно  и како Студентскиот правобранител учествува во работата на комисијата кога според одлуката на Сенатот на УКИМ, тој не е член на комисијата, а дополнително и покрај интензивното барање на членовите на комисијата, СПУКМ одбива да ги испрати интерните акти на организацијата”- потенцира Здравковска.

Новоформирана комисија во рамките на УКИМ  треба да работи на  менување на статутот во делот на организацијата и контролата врз работата на СПУКМ,  но од досегашната пракса според студентите ваквите работни тела создаваат недоверба. За нив  се уште е свеж примерот со пропаднатата работна група за измени на Законот за високо образование, а  дополнителен проблем е велат што во  комисијата  учествуваат професори кои самите сметаат дека нема ништо спорно со две  години истечените мандати на студентските претставници.

“Иако има прилично дијаметрално спротиставени гледишта, сметаме дека решение на Комисијата треба да биде донесено. Доколку не се донесе предлог решение, овој проблем повторно ќе се стави во најдолната фиока која нема да се отвори многу долго.Клучно прашање е дали и зошто дел од професорите имаат интерес студентската претставничка организација да биде невладина организација, надвор од контролата на академската заедница? Претставниците на СПУКМ ротираат и на секоја средба присуствуваат различни претставници, додека  на Студентскиот пленум изрично му беше забранет принципот на ротација. Затоа логично е да прашаме дали постои официјален допис до универзитетот за ова и дали се применуваат двојни стандарди за студентите од СПУКМ и останатите студенти? Затоа баравме  УКИМ веднаш да ги исклучи од своите редови студентските претставници на Сенатот и во наставно научните совети”- објаснува Здравковска.

Во моментов, според неа единствено логично надминување на оваа состојба е Ректорот и универзитетскиот сенат да не ги признаат студентските избори, а оваа нова Комисија да го реформира моделот на студентско организирање и студентски избори и штом ја заврши својата работа да се распишат нови, легални и легитимни избори за студентски претставници.

“Срамно и скандалозно е тоа што се случи на дента на студентските избори. Припадниците на ЕБР уште не се знае по  кој основ дојдоа таму и кој навистина ја издал наредбата. Особено што тоа земјиште припаѓа на УКИМ. Излезот  од кризата го гледам единствено ако се направат коренити промени. Кога ќе речам коренити мислам на коренот што е длабок три метра. Да не се случи уште еден пиреј”-порачува студентката од Пленумот.

Во меѓувреме осум сенатори преку отворено писмо до тогашниот ректор Велимир Стојковски бараа вонредна седница на Универзитетскиот сенат во врска со случувањата околу  изборите за претседател на СПУКМ и го повикаа ректорот во заминување на одговорност, поради непостапување согласно статутот на УКИМ за свикување на вонредна седница на Универзитетскиот сенат. Иако првично Ректорската управа на чело со екс-ректорот Стојковски го осуди бруталниот напад врз студентите за време на изборите и изрази загриженост за случувањата,  подоцна Стојковски  преку писмо информираше дека нема услови за одржување на вонредна седница на Универзитетскиот сенат.

.

Слично

Поврзани вести