Економија, финансии, бизнис

Контакт

Демократијата стана празна фасада!

Демократијата стана празна фасада!
“Антивладините протести се поразлични од сите досегашни протести против режимот  бидејќи не само што далеку поголем број граѓани излегуваат на протестите ширум Македонија, туку и нивната решеност да не се отстапи пред корумпираниот режим овојпат е силно изразена. А тоа кажува дека, во најмала рака, имаме добри шанси да си ја повратиме слободата, земјата и изгледите за подобра иднина” - вели универзитетскиот професор Здравко Савески, еден од основачите на партијата “Левица” и граѓански активист за човекови и работнички права. Политичката криза во која длабоко тоне државата како што вели е поради корумпираната и авторитарна власт. Колку режимот е само привидно силен според Савески  сведочат контрапротестите што ги организира власта. “Со крајни напори и со големи притисоци успева да довлечкува пристојна бројка на нив. И создава голем револт кај тие луѓе. Зошто ги влечкаат како да се добиток? И тие имаат човечко достоинство. Прашање на време е кога и нивното длабоко потиснато и згазено човечко достоинство ќе се разбуди и тие ќе речат: доста е! Продлабочувањето на јазот помеѓу граѓаните во добар дел е привиден. Многу од луѓето кои одат на контрапротести, едноставно не сакаат да бидат таму. Добар дел од нив, ако им се даде право да избираат, би избрале да бидат на протест, а не на контрапротест. Кражбата на Македонија и нив ги боли исто како и нас.Тоа секому му е многу јасно. Секојдневно луѓето се соочуваат со неправди. Сегашните властодршци во Македонија едноставно мора да се тргнат од власта, инаку ја осудуваат Македонија на пропаст. Ете, тие сакаат да се чукаат во гради дека се големи патриоти. Нека направат барем еден патриотски чин, за доброто на Македонија: нека се тргнат од власта и нека престанат да го угнетуваат народот” -смета Савески. Откако судот му ја продолжи мерката куќен притвор за нови триесет дена вели го направиле посилен, а репресивните мерки  против демонстрантите  според него имале обратен ефект кај граѓаните од она на  што се надевале властодршците: наместо да ги уплашат и дезорганизираат, тие вели ги револтираа уште повеќе и им понудија уште еден пример колку во нивната Македонија, која ја одзедоа, правдата е мисловна именка. “На секој нормален човек во и надвор од Македонија му е јасно дека нема услови и атмосфера за фер и демократски избори. Но, владејачката клика верува дека, во случај на организирање на квази-избори во јуни, ќе си го поврати изгубениот легитимитет за владеење. Тоа едноставно повеќе не е можно. Никогаш повеќе владејачката клика нема да може да има легитимитет да владее. Незадоволството од кликата може да биде силно изразен, може само да тлее, но по аболирањето од страна на т.н. Претседател никогаш нема да згасне.Прво, т.н. Претседател на РМ да ги повлече аболициите. Како знае и умее. Второ, да се повлече одлуката за организирање избори на 5 јуни. Трето, да се формира преодна експертска влада која ќе создаде услови и атмосфера за фер и демократски избори”- потенцира  професорот Савески. Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот 1 Мај кој е  празник посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците во земјава вели се  спроведува  селективна правда. Во Македонија вели  од 2009-тата  година  се организираат протести на Први мај,  и оттогаш левичарските организации, а и дел од синдикатите го одбележуваат Први мај онака како што треба – со протест против континуираното обесправување на работниците. “Режимот не само што ја сведе демократијата на празна фасада, туку и го осиромаши народот. Многумина се соочуваат со ситуација во која повеќе не можат да си го дозволат она што можеа само до пред неколку години, а се’ повеќе луѓе се соочуваат со вистинска немаштија и глад. Полнењето на кафеаните е само привид. Мал дел од граѓаните можат да се расфрлаат со пари не само по кафеани и ресторани, туку и општо. Друг значителен дел од граѓаните може да си дозволи само повремена посета на кафеани, по некое скромно кафе или пиво. Сето тоа дава само привид на пристоен живот. Дури и оние што одат на излет на Први мај можат да кажат дека веќе не е онака како што беше пред неколку години. Празничната трпеза е поскромна, а ја снемува и радоста. А многумина, верувајте, далеку поголем број од она што може да се претпостави, не одат на излет, бидејќи едноставно тоа не можат да си го дозволат”-додава универзитетскиот професор. Режимот како што вели вели  се’ поотворено продуцира фашисоидни изјави и практики, ама, тоа не значи дека се многу силни. Напротив, тоа според него  е знак на нивната слабост бидејќи смета дека им пропаѓа пропагандата, па се обидуваат преку застрашување да си ја повратат контролата над ситуацијата. За еден граѓански активист и борец за човекови права кој правдата секогаш ја бара на улица, вели е најтешко да биде затворен, па дури и во својот дом, но тоа не го спречува уште еднаш да ја пренесе пораката која со денови ечеше на улиците: “Доста е! Ги преминавте сите граници! Т.н. Претседател на РМ, работејќи по туѓ налог, со еден срамен потег го укина владеењето на правото во Македонија. Без разлика на енормниот криминал што го имаат извршено одредени политичари, нив нема да им фали ниту влакно од косата?! Тоа не може да се дозволи. Не смее!”-порачува Здравко Савески. С.Б.
Слично

Поврзани вести