Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДЕМОГРАФСКИ ШОК: Младите  заминуваат надвор, кои се причините за тоа?

ДЕМОГРАФСКИ ШОК: Младите  заминуваат надвор, кои се причините за тоа?
Младите не размислуваат двапати за да ја напуштат земјава. Невработеноста, ниските примања, несигурните вработувања и иднина дополнително ги мотивираат за билет во еден правец-децидни се познавачите на состојбите. Дополнителен системски проблем е намалувањето на наталитетот во поедини региони и општини, негативниот природен прираст на населението, намалување на бројот на учениците во основните и средните училишта, стареењето на населението. Според демографот Душко Герасимовски, кој е и поранешен директор на Државниот завод за статистика, причините за масовно иселување на младите  се пред се економски и социјални,  а потоа и образовни. Статистиките вели се поразителни, особено оние спроведени според европски параметри. Домашни точни бројки и проценки нема, или некому не му одговараат резултатите. “Жално е млад и високо образуван стручен кадар во кој е вложено многу од страна на државата да заминува надвор, а и оние кои се образуваат надвор исто така поретко се враќаат назад. Зошто? Затоа што условите за живот се подобри, затоа што економски се помоќни и затоа што имаат некоја сигурност. Нивното заминување има големо влијани во структурата на населението посебно во старосната. Денеска нашата земја  има скоро 20% учество во вкупното население на возраст над 60 години. Денеска имате депопулација на населенито во четири региони во земјата, околу 50% од општините кои имаат негативен природен прираст. Младите поради наведените причини покасно стапуваат во брак, затоа и бројот на склучени бракови се намалува, возраста не дозволува потоа многудетно семејство, немаат сугурност во вработувањето или ако се вработени и бремени дали повторно ќе се вратат на работа” -вели Герасимовски. Причини за заминување Причините за младинското иселување се различни, вели Ивана Давидовска од Националниот младински совет. Од економски до политички. Најголемата “невозвратена лубов” за заминување на младите   вели  е онаа од институциите. Проблемот го лоцира во непостоењето на одржливи мерки  кои ќе им гарантираат сигурно вработување и брзо интегрирање на пазарот на труд како и ниските примања кои неможат да ги задоволат ниту основните трошоци за живеење. “Во време кога младите со години ја сочинуваат најголемата категорија на невработени граѓани која во последните десет години е над 50%,  кога не постојат одржливи мерки кои гарантираат нивно вработување и брзо интегрирање на пазарот на труд, кога се постојано жртви на токензимот и манипулативното вклучување во системот, и воопшто не се признаени како категорија на граѓани, ниту системски ниту буџетски (на пример буџетот за млади на Агенцијата за млади и спорт со години изнесува 0.00 ден), не ви преостанува ништо друго, освен таа љубов да ја побарате на друго место, oдносно друга држава”-вели Ивана Давидовска, Член на Надзорниот одбор и поранешен претседател на Националниот младински совет на Македонија. Дависовска во моментов живее и работи во Белгија. Вели  според истражувањата,  во Македонија младите веруваат дека им е потребно да вложат три пати повеќе напор за да направат промена во својата локална заедница, отколку на Европско ниво, бидејќи нема одржливи мерки кои гарантираат вработување за млади. “Младите си заминуваат и поради стравот гласно да го кажат своето мислење, без да бидат осудени или поради тоа што немале на кој да му се обратат. Недовербата во системот не е само од денес туку од скршеното срце секој пат кога ни било одбиено барањето за подобрување на квалитетот на образовниот систем, или кога младинското самоорганизирање не било признаено од причини скршени суети или кога секој политички активизам со кој сте сакале да придонесете кон тоа младите да станат активни граѓани, ве ставил на листата на “отпишаните”. Младите се иселуваат и поради тоа што им се скрши срцето и од тоа некој постојано да ги злоупотребува на работно место, од несигурни договори, до волонтирање до бескрај и назад, губејќи ја надежта некогаш да добијат работно место без чувство дека истиот треба да го отплаќаат на оној кој им го обезбедил”-додава Давидовска. Според неа веќе со години наназад сме првенци во Европа по бројот на невработени млади, додека, онаму каде е намален бројот на невработени  тоа е поради фактот  што веќе се иселиле или  не успеале во предвидениот  рок да се пријават во Агенцијата за вработување. “Стратешките документи и акциски планови од доменот на вработување на млади всушност прашањето на младинска невработеност е опфатено само во 2 документи: Акцискиот план за вработување на младите на МТСП и Стратегијата за млади, очигледно не вродуваат со плод, имајќи предвид дека мерките кои требале да се применат до крајот на 2015 година според овие 2 документи, за кои патем нема достапен извештај за реализираните резултати, воопшто не влијаат на невработеноста. Mладите не се доволно информирани за своите права па мора да се земе во предвид дека станува збор за специфична ранлива категорија, поради што е потребно институциите да обрнат посебно внимание за вистинско и значајно информирање на младите особено оние кои се јавуваат како нивни корисници, бидејќи тоа им е должност”-потенцира Давидовска. Младите мора да бидат вклучени во општествените процеси Прашањето со младинска невработеност, личен и социјален развој, како што вели мора да бидат решавани системски. Со оглед на тоа дека проблемот на младинското иселување е составен од спектар на причини потребно е да се дејствува на сите полиња кои би ги мотивирале младите својата иднина да ја инвестираат во Македонија.Најмногу од се е потребно на младите да им се даде простор да бидат вклучени во сите политички и процеси на одлучување, со цел системот да ја признае нивнoто постоење како чинител во општеството и како партнер во изнаоѓање на решенија за сите прашања кои ги засегаат младите. “Малкумина имаат слушнато за мерката Младинска гаранција/Youth Guarantee која се спроведува во земјите на Европска Унија и која гарантира интеграција на младите на пазарот на трудот, преку вработување, стажанство или стручна дообука во рок од 4 месеци, од моментот на завршување на образовниот процес или здобивање на статусот невработен. Во моментов младинските и граѓанските организации се оние кои најмногу ги инфомираат младите за нивните права. Не постојат  адекватни младински комитети при синдикатските организации кои се присутни во Македонија, ниту пак брошура која во најмала рака би ги инфомирала младите за тоа како може да побараат правна заштита во вакви случаи”- објаснува Давидовска. Можните решенијата вели би требало да вклучат oд гаранти и мерки кои ќе овозможат стимулирање на бизнис секторот за вработување за млади, субвенции за младински бизниси, до гаранти за прво вработување, дообука и платен стаж и практиканство како и квалитетно образование. Дека решенијата на проблемот  мора да бидат oпсежни и системски се сложува и демографот Герасимовски. Потребен е попис Според него неможе да се каже колку наши државјани и по кој основ заминале од земјава со званични показатели. Тоа е вели проблем на институциите во системот кои не функционираат целосно. Препораките и решенијата за проблемите се прават само на хартија, во пракса реалната состојба е поразителна. “Голем проблем е што веќе 14 години немаме спроведено попис на населението и сега не знаеме колку население имамае какви се неговите структури (полови, возрасни, образовни, економски, социјални, етнички, верски, како многу други карактеристики за домаќинствата и становите. Овие денови од тие причини големо внимание предизвика Извештајот на ОН за проценките на населението по континенти и земји. Посебна е појавата во нашата земја каде не зачудуваат малку дадените показатели или состојби за наредниот период. Овие проценки се добиваат врз основа на одредени состојби кои се следат во земјите каде е нивното население и колку население имаат кои се дојдени и престојуваат по разни основи”-објаснува Герасимовски. Македонија е вели традиционално емиграциско подрачје, но  бројот на македонски државјани кои живеат во странство и натаму останува непознат. Последниве децении само мал дел македонски државјани официјално го пријавиле нивниот престој во странство, при што ние како држава вели немаме комплетни податоци за привремено или трајно иселување од државата и  засега, извор на податоци за тоа колку наши државјани заминале или се наоѓаат во други земји во светот се меѓународните организации како што се, Светска банка, Евростат а овие денови и ОН преку својот Извештај за прогнозите на населението до 2050 година и до крајот на овој век. С.Б.
Слично

Поврзани вести