Економија, финансии, бизнис

Контакт

Демографот Александар Чавиќ за Фактор објаснува дали Балканот треба да стравува од доаѓањето на Русите, Чеченците, Дагестанците

Демографот Александар Чавиќ за Фактор објаснува дали Балканот треба да стравува од доаѓањето на Русите, Чеченците, Дагестанците

Руси, Чеченци, Дагестанци бегаат од Русија за да не ги мобилизираат за војната во Украина и дел од нив допатуваа на Балканот.  Русите се во Србија, а помал број Чеченци и Дагестанци според регионалните медиуми стигнале во Босна и Херцеговина ( БиХ) и Хрватска.

Дел од руските граѓани веќе купуваат или планираат да купат недвижнини во соседна Србија. Судејќи според објавите во групите на социјалните мрежи, Русите се распрашуваат за процедурите за купување на имоти. 

Демографот од Бања Лука, Александар Чавиќ за Фактор објаснува дека регионот не треба да стравува дека овие доселувања ќе предизвикаат некои поголеми демографски промени.

„Постојат неколку причини за овој мој став. Прво, Русија и нејзините државјани веќе долго време се јавуваат како инвеститори во регионот и постои соработка од скоро време. Другата причина е културолошката и историската блискост меѓу Србите и Русите и тоа придонесува за меѓусебно разбирање. Трето, моменталниот број на доселени Руси не е толку голем за да влијае на етничката прекомпозиција на Балканот во некој поголем обем. Што се однесува на бројот на руски државјани етнички Чеченци, во Република Срспска и во Босна и Херцеговина не е забележан тој тренд. Барем не во некој поголем обем. Мој впечаток е дека доселувањето на Русите повеќе се однесува на барање на алтернативни локации за бизнис за одреден број Руси, за да ги избегнат негативните ефекти од санкциите за нивниот бизнис. Штом ќе завршат причините за тие привремени миграции, изгледа дека тие ќе имаат повратен карактер“, рече Чавиќ.

Според податоци објавени во ноември лани, над 120.000 руски граѓани допатувале во Србија и побарале престој.

Но, податоци од српското Министерство за внатрешни работи кои се однесуваат за период од 24 февруари до 21 декември лани, покажуваат дека во Србија дошле 219.153 руски државјани, но не се задржале сите. Предноста за нив е што во Србија можат да патуваат без визи.  Лани во декември имало 477 руски фирми во Србија. Од месец во месец тој број растел во 2022 година. 

Meдиумите од регионот пишуваа дека Чеченците влегуваат во БиХ, но се смета дека таа за нив е транзитна земја и оттука планираат да одат во европските земји. Според пишувањата, некои од нив како туристи влегуваат во БиХ, а други се со цел да бараат азил во Хрватска. Но, споменато беше дека овие луѓе ги кријат своите намери. Според податоците на Ростат, рускиот државен завод за статистика, од јануари до август лани 948 Чеченци отишле во странство и тоа е три пати повеќе отколку во 2021 година.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести