Демант на Силк Роуд Банка АД Скопје во однос на објавата на порталот ФАКТОР
Почитувани,
Силк Роуд Банка АД Скопје ги демантира наводите објавени на порталот Фактор на ден 07 април 2026 година, под наслов „Деловна банка во Македонија има своја фирма за продажба на недвижен имот, колку наплати во својата прва година?“, од лице со иницијали А.К., а во врска со работењето на Банката и работењето на Друштвото за помошни банкарски услуги на управување со недвижности Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје. Изнесените тврдења во објавата на порталот се неточни и не ја одразуваат вистинската фактичка состојба, како и претставуваат погрешна интерпретација на финансиските показатели на друштвото.
Ја информираме јавноста дека Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје е правно лице основано и во сопственост на Силк Роуд Банка АД Скопје. Правното лице е основано како друштво за помошни банкарски услуги - управување со недвижности во корист на Банката, целосно во согласност со Законот за банки и Законот за трговските друштва. Оттука, друштвото е основано на законит начин, низ законита постапка, за остварување на легитимни цели.
Единствена деловна цел на Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје е владеење и управување со имотот за потребите на нејзиниот основач - Силк Роуд Банка АД Скопје, кој имот е наменет единствено за вршење на основната дејност на Силк Роуд Банка.
Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје ниту остварува, ниту во иднина ќе остварува било каква друга дејност и цел различна од онаа за која друштвото е основано, а најмалку продажба на запленет имот или наплата на долгови.
Единствениот недвижен имот кој го поседува ова друштво е административно – деловниот простор во кој Силк Роуд Банка АД ќе ги пренесе најголемиот дел од своите служби и истиот ќе биде новата дирекција на Банката. Во моментов, на објектот се изведуваат градежни работи на реконструкција и адаптација кои ќе завршат во тековната година.
Единствен приход кој Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје го остварува е приходот од управување со имотот – деловни простории кои ги користи основачот - Силк Роуд Банка.
Категорично ги демантираме наводите дека Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје остварува приходи од било какви други извори, особено демантираме дека врши продажба на „запленет имот“ или наплата на долгови.
Силк Роуд Банка АД Скопје транспарентно и согласно барањата на регулативата навремено и точно ги објавува финансиските податоци и податоците во врска со своето работење, како и за работењето на друштвото кое го основала со една и единствена цел, а согласно Законот за банки, Законот за трговските друштва и Законот за хартии од вредност, изготвува и обелоденува поединечни и консолидирани финансиски извештаи.
Друштвата за помошни банкарски услуги се основаат во пропишана и законита постапка и за дозволени цели, со задолжителна информираност на регулаторот во процесот, па исто како и банките, истите се предмет на ревизија и надзор од страна на друштво за надворешна ревизија и регулаторот, а согласно Законот за банки.
Молиме да се објави овој демант со цел точно и навремено информирање на јавноста.
Со почит,
Силк Роуд Банка АД Скопје
07.04.2026 година
