Демант: Џафери погрешно протолкуван од медиумите за снимката на Заев
Со демант до нашиот медиум се јави Муса Џафери, вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор кој посочува дека веста од денешната прес-конференција во врска со изјавата била погрешно протолкувана од страна на одредени медиуми.
„Би сакал да ја демантирам и да ја објаснам веста од денешната прес-конференција во врска со изјавата која беше погрешно протолкувана од страна на одредени медиуми.
Во оваа прес конференција во врска со прашањето за автентичноста на снимката објавена од страна на опозицијата, која беше претставена како мој телефонски разговор, јас одговорив дека, цитирам „не е важен разговорот или автентичноста на разговорoт, колку што е важно од каде се тие разговори и кој ги извадил нив, ги злоупотребил ако можам да кажам во овој случај“!
Од самиот одговор кој е цитиран на интегрален начин од страна на вашите медиуми, се разбира дека јас зборувам само за снимањето за кој се вели дека е мој разговор а никако за другите снимки кои што ги објави опозицијата“, посочи Џафери во соопштението упатено до нашиот медиум.
