Деловна банка во Македонија има своја фирма за продажба на запленет имот, колку наплати во својата прва година?
Во Македонија е несвојствено, но една мала деловна банка - Силк Роуд банка има своја фирма-ќерка основана за управување со запленетиот имот. Најверојатно ваквиот потег придонел да се остварат стабилни приходи од 12,5 милиони евра во 2025 и да се донесе решение со кое износот за дивиденда по обична акција да се определи на 5.119 денари бруто за 2026.
Алпине Пропертиес е основана од Силк Роуд банка во септември 2024 со Горан Насковски како управител. Подружницата во својата прва целосна година на работење, односно во текот на минатата година, остварила приход од 160.000 евра, или 9.650.000 денари. Недвижностите и опремата што ги имала на лагер за продажба се проценети со вредност од 2,77 милиони евра.
„Во септември 2024 година Групата стекнува контрола над Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје,
Друштво за Помошни банкарски услуги и управување со недвижности, преку стекнување на 100%
од уделот во друштвото. Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје е основано во септември 2024 година
од страна на Силк Роуд Банка АД Скопје, при што од страна на основачот во октомври 2024 година
е уплатен почетниот основачки капитал на износ од 61,495 илјади денари.
Во 2025 година Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје има остварено нето загуба од 116 илјади денари
( во 2024 има освтварено нето добивка во износ од 16 илјади денари) “, објави деловната банка во својот извештај поднесен до Македонска берза за работењето во 2025.
Во Македонија банките најчесто не формираат свои „ќерки“ фирми за наплата на долгови или управување со запленет имот, туку:ангажираат надворешни компании за наплата или понекогаш ги продаваат побарувањата (лошите кредити) на специјализирани компании.
Овие компании работат за повеќе сектори, вклучително и банки, и се специјализирани за наплата на побарувања .Дополнително, постојат и случаи каде банки пренесуваат податоци и предмети на трети фирми за наплата, или користат:извршители, агенции за недвижности и други правни друштва
Силк Роуд Банка АД Скопје е една од помалите, но стабилни комерцијални банки на македонскиот пазар, со повеќе од три децении присуство. Во 2016 година банката беше преземена од швајцарската инвестициска група Silk Road Capital AG, по што го доби сегашното име. Денес банката функционира како универзална банка, нудејќи услуги за население и компании (кредити, депозити, платежни услуги), со мрежа на филијали во повеќе градови во државата.
Според последните податоци, Силк Роуд Банка има релативно мал удел на пазарот – околу 1,3 отсто и се рангира меѓу помалите банки во системот, но бележи раст на активата и профитабилноста во последните години.
Силк Роуд во поднесениот извештај до Македонска берза прикажува добивка од безмалку 3 милиони евра за 2025. Основната заработката по акција е намалена од 17.250 на 14.700 денари.А.К.
