ДЕЛНИЦАТА БУКОЈАЧАНИ - КИЧЕВО ЈА ЗГОЛЕМИ ВРЕДНОСТА НА НОВИТЕ ГРАДБИ: повторно расте интересот за градење
Во октомври 2025 година се издадени 446 одобренија за градење, што е за 22,9 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 10.596.843 илјади денари, што е за 25,1 проценти повеќе во споредба со октомври минатата година.
- Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба на Државен пат А2, делница Букојчани Кичево прва фаза, подделница Црвивци-Кичево со должина 6,527 км, кој е со вредност од 44 милиони евра - се појаснува во соопштението на ДЗС.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 289 или 64,8 отсто се наменети за објекти од високоградба, додека 68 одобренија или 15,2 проценти од нив се за објекти од нискоградба. Останатите 89 одобренија или 20 отсто за објекти за реконструкција.
Од вкупно 446 објекти, на 247 или 55,4 проценти како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 199 или 44,6 отсто објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 1.177 станови со вкупна корисна површина од 101 286 м2.
Фото: Принтскрин/Фејсбук/Архива
