Дел од затворениците ги нема во избирачкиот список
Вкупно 1.706 лица кои се во притвор или на издржување затворска казна денеска го остваруваат правото на глас, еден ден порано од официјалниот прв круг на претседателските избори во Македонија.
Гласањето во најголемиот затвор Идризово утрово започнало навреме, во 7 часот, информира директорот на установата Живко Пејковски.
„Правото на глас оваа година во Идризово го имаат 737 осудени лица. Ние во ДИК пуштивме список со 1.300 лица, но изборната комисија ни врати прочистен список од 737 лица“, вели Пејковски.
Според членот на ДИК Субхи Јакупи, доколку бројот на лицата во затворските установи е поголем од оној во избирачкиот список, веројатно постои некоја пречка заради која тие лица не биле евидентирани.
„Веројатно немаат биометриски документи - патни исправи или лични карти штом не се внесени во избирачкиот список. Ние кога утврдивме заклучување на избирачкиот список за претседателските избори беше утврдена оваа бројка и таа се наоѓа во избирачкиот список“, вели Јакупи.
Освен затворениците, денеска гласаат и раселените, болните и немоќните лица. Се гласа и во трите изборни единици во дијаспората, каде што иселениците за првпат се изјаснуваат на претседателски избори.
Слично
