Дел од синдикатите ќе протестираат за 1 Мај, но не и ССМ
Неколку синдикални организации и левичарски движења најавија протести утре, на 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот. Протестот ќе започне во 12 часот пред Парламентот и ќе продолжи пред Владата, a во исто време ќе се протестира и во Куманово.
Од левичарското движење „Солидарност“ велат дека ќе испратат и конкретни барања до Владата - Законот за минимална плата да не ги дискриминира работниците кои се најзгрозени и сумата од 8.800 денари да важи секаде, да се остварува правото на штрајк и да се овозможи вистинско функционирање на синдикатите.
„Таа свест дека прва мај е ден на скарата, тешко, но пополека остапува место пред расположбата дека на тој ден треба да се искаже незадоволството. Веќе има луѓе кои ни кажуваат дека немаат пари да одат на скара, сиромаштијата во Македонија е сериозен проблем“, вели Здравко Савевски од „Солидарност“.
Според Маријан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на независни синдикати, причина за протест има оти положбата на работниците во Македонија е крајно неповолна.
„Работниците на своите работни места се соочуваат со тешки услови за работа, со неисплатени плати. Сакам да испратам апел до новата влада, овојпат да не сфатат најсериозно, ние само бараме фер услови и да не вклучат во социјалниот дијалог“, додава Ристевски.
На протестот утре ќе излезат и Синдикатот на новинарите и медиумските работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Македонија, но не и најбројниот - Сојузот на синдикати на Македонија.
Покана до ССМ била испратена, но одговор сеуште нема. Сепак синдикалниот лидер Живко Митревски најави дека и годинава неговата организација нема да протестира, туку ќе организира само собир на плоштадот Македонија утре претпладне од каде ќе испрати порака за потребните законски измени за подобрување на условите за работа.
Слично
