ДЕЈЛИ МЕЈЛ: Амфиполис сепак го крие гробот на Александар!
Гробницата во Амфиполис што ја открија грчките власти го крие гробот на црвенокос маж, што ги поттикнува шпекулациите дека таму бил погребан токму Александар Македонски, тврди британски Дејли Мејл.
Весникот наведува дека раскошната изведба на гробницата упатува на заклучок дека се работи за славна личност, бидејќи нејзината изградба сигурно чинела премногу за да ја финансира кој било.
Првите анализи на коските што биле откриени пред една недела во подземната крипта покажуваат дека се работи за маж на средна висина, со светол тен и црвенкаста коса, што остава можност да е токму големиот војсководач. Според историските списи, Александар Македонски имал сини очи и црвенкасто-златна коса.
Археолозите велат дека од досегашните ископувања е јасно единствено дека се работи за многу важен заповедник.
Понатамошните испитувања, кои вклучуваат и ДНК тестирање, треба да покажат дали се работи за член на кралското семејство. ДНК примерокот од пронајдените коски ќе се споредува со оној на таткото на Александар, Филип Втори Македонски.
Овие анализи ќе траат најмалку осум месеци и резултатите не се сосема извесни, бидејќи коските на Филип Втори од кои треба да се земе примерок за ДНК анализа се во лоша состојба.
Во гробницата во Амфиполис, на стотина километри од Солун, која датира од 4 век пред новата ера, се пронајдени симболи на Александар Велики. Ова е досега најголема гробница откриена во Грција од овој период.
Слично
