Економија, финансии, бизнис

Контакт

Деформитетите на рбетот кај децата се алармантни, има ли спас од тешките училишни ранци?

Деформитетите на рбетот кај децата се алармантни, има ли спас од тешките училишни ранци?
Тешките ранци и неправилното седење во клупите  ги згрбавија децата Тешките училишни ранци ги топат кревките детски рамена. Експертите алармираат, ова е само еден од факторите на ризик, покрај седењето во училишната клупа и пред компјутерот,  за развој на деформитетите на ‘рбетниот столб,  но и еден од најважните, имајќи во предвид дека ранците и торбите  кои ги носат учениците се тешки и до пет и повеќе килограми. Погрешното држење на телото, според физиотерапевтите значи дека скоро 20 отсто од првачињата и до 40 отсто на децата до завршување на основното  образование,  се соочуваат со некое нарушување на телесното држење. Желбата на родителите, нивното дете да е со поубав и поскап ранец или торба, не само што го празни џебот,  туку и дополнително го оптоварува кревкиот детски грб.Омилениот лик од цртаните филмови или скапиот ранец на некоја брендирана марка не е предуслов за здрав и квалитетен развој на детето. "Искуството покажува дека неадекватните ранци може да придонесат за нарушување на  'рбетот на детето,  бидејќи тежината директно притиска на неговото тело.  Мој впечаток е дека треба да се обрне внимание на овој момент а не на слепото следење на модата. Нема никаква врска дали се ранците скапи или евтини. Tоа е само комерцијален момент кој го одвлекува проблемот во друга насока -вели Маја Морачанин -специјалист по физикална медицина и рехабилитација. Како да се направи вистинскиот избор? Училишната торба или ранецот треба внимателно да се одбере. Според ортопедите, таа не треба да биде поширока од телото на детето, со цел тоа да може слободно да ги движи рацете назад. Не треба да биде ниту предолга и при движење да удира врз долниот дел од телото, бидејќи во тој момент детето неприродно се навалува назад. Доколку пак ранецот стои превисоко под притисок на тежината, директно влијае кон згрбавување напред. Затоа, ортопедите советуваат дека училишниот ранец треба да ги следи пропорциите на ученикот, истиот  да не биде поширока од детскиот грб, да не е над висината на рамениците и под нивото на половината. Следењето на модата е вториот проблем кој дополнително влијае на забрзување и интензивирање на деформитетите.Па така, наместо ранец дел од учениците се одлучуваат за торба на едно рамо што пак создава не само физички промени туку и физиолошки и психички. Тежината на ранците според експертите, не треба да надмине 10% од тежината на телото на детето. „Многу е  битно е рамномерно да е распределена тежината на ранецот, на двете страни, да нема оптеретување само на едната страна. Незнам,  што толку треба да има во нив. Родителите често ги носат ранците бидејќи се претешки. Некогаш и децата си ставаат се и сешто. Олеснително е во целодневната настава кога во понедеклник децата   ги оставаат ранците во училиште.  Најчести  деформитети на рбетот на децата се сколиозите-искривување на рбетот  према лева и десна страна, и кифоза -подгрбавеност. Тие најчесто почнуваат како променет неправилен став и ако не се реагира навреме,  преминува во траен деформитет кој се влошува особено во брзиот развој на децата-пубертетот, а за жал подоцна,  тешко се корегира. Треба многу упорност со физикална терапија и носење на корсети кои тешко се прифаќаат” -вели специјалистот по физикална медицина и рехабилитација Маја Морачанин. Еден фактор за развој на деформитетите се ранците. Втор се неправилното седење во училишните клупи кои имаат несоодветна висина. Ученикот  и во прво и во петто одделение е во истата клупа, а неговата висина е значително променета.Тоа директно влијае на конструкцијата на телото и пореметувањата кои се појавуваат како последица од континуираното седење во неправилна положба или народски речено подгрбавено. Превенција за квалитетен и здрав развој на детското тело! Она на што мора да се внимава во текот на растот и развојот кај децата е превенцијата. Децата голем дел од денот го поминуваат во седечка положба во клупа или пред компјутер, што   директно влијае на рбетот и неговото искривување. Неопходно е според физиотерапевтите, да се внимава на ставот на децата и на вежбите. Денес децата долго време седат пред телевизор и компјутер, немаат физичка активност која е неопходна во периодот на раст и развој. Со вежби тие  ги зајакнуваат и мускулите и рбетот.Колку е мускулатурата појака толку е појак и рбетот. Експертите советуваат дека од најрана возраст на децата треба да им се укаже на здравиот начин на исхрана, физичките вежби и спортот кои директно ќе влијаат на правилниот раст и развој. Мускулатурата може да се зајакне исклучиво со активност,  а според дел од спортистите нема подобар начин за одржување на кондицијата и водењето на здрав живот од пливањето-спортот кој делува на психофизичкиот развој на целиот организам, спорт кој опушта, благопријатно делува на психата, развојот на мускулниот и коскено –зглобниот апарат, а директно помага при отстранување или ублажување на деформитетите на ‘рбетниот столб. Покрај пливањето се препорачуваат и кошарката, аеробикот и одбојката. Едукација! И наставниците имаат  директен удел во превенцијата, која треба да се учи од најмали нозе. Наставникот поминува поголем дел од денот со своите ученици, и тој мора да направи добар план и програма покрај задачите од редовната настава, да посвети време и посебно внимание,  на децата да им укаже како правилно да го држат своето тело, што директно е условено од седењето во клупа-вели за Фактор, одделенската наставничка Марина Василева од основното  училиште СВ. Кирил и Методиј. Таа ја води третата генерација на ученици,  од прво до петто одделение, и вели дека во рацете на наставниците е поголемиот товар и обврска како вистински да го насочат ученикот на здрави животни навики, вклучувајќи ги и основните:носењето на ранците, поставеноста на телото и вниманието на часовите. “Детето кое има правилна поставеност на телото, е повнимателно на часовите, активно ги следи предавањата и на крајот на краиштата, има подобри резултати во форма на одлични оценки. Тоа директно влијае и на успехот и на поведението.Првите совети кои им ги упатувам на моите ученици уште од првиот ден е да научат како да ги ставаат рацете позади столчето, да седат исправено, на колкаво растојание треба да биде оддалечена главата од клупата. Начинот на работа е доста променет. Сега спроведуваме друг принцип кадешто учениците во одделенската настава се групирани во групи по неколку деца. Помина периодот кога наставата беше врзана само за клупа, табла и толку. И, тоа е добро!   Децата во училиште го поминуваат поголемиот дел од денот, имаат по четири до пет часа, активно пет дена во неделата.Тоа значи дека наша обврска е навремено да им укажеме на позитивните ефекти од правилното држење  на телото од кое ќе има бенефит и ученикот и семејството и државата. Ние сите сакаме и треба да се стремиме кон здрави поколенија”-додава наставничката Василева. Кинезитерапијата ја корегира сколиозата кај децата! Поради сложеноста на деформитетот и тешките последици што ги остава врз локомоторниот апарат, односно врз психофизичкиот развој на детето, со превенција и со корекција треба да се започне што е можно порано, односно со поаѓањето на детето во училиште, Кинезитерапијата е најважна во превенцијата, и во рехабилитацијата има свое место и улога зависно од деформитетот-велат експертите. Деформитетите на рбетот и на другите делови на телото кај учениците од основните училишта се во алармантен пораст, покажуваат истражувањата на Факултетот за физичка култура. Кај секое трето од пет деца е забележано лошо држење на телото или аномалии на грбот, колковите, колената или на стапалата. Состојбата,  според деканот на ФФК Вујица Живковиќ,  може да се подобри за учениците од прво до петто одделение, за кои наставата по физичко и здравствено воспитување, наместо нивните одделенски наставници, ќе ја водат наставниците по физичко. “Ние водиме битка да влеземе со свој кадар во градинките и училиштата од прво до четврто одделение, каде децата се во сензитивна фаза кога се создаваат навиките но и почнуваат деформитетите. Учителките многу малку можат да помогнат освен едукативно, но практично требада се превенира. Тука е најдобро,  стручни лица да работат со децата. Сеуште не успеваме да добиеме одговор во тој дел,  од надлежните” -вели деканот на Факултетот за физичка култура проф. Вујица Живковиќ. Сколиозата,  според него, има неколку фази.Таа е деформитет на ‘рбетот во фронталната рамнина. Според застапеноста, спаѓа во водечките аномалии. Прво се регистрира како сколиотично лошо држење кое со текот на времето може да премине во класичен деформитет. Во првата фаза  од најрана возраст може да се забележи доколку е сколиозата конгенитална, значи од раѓање може да се види. Стекнатите проблеми треба да се пратат, бараат мониторинг и можат најчесто во времето на пубертетот  енормно да се изразени, иако првите знаци може да се јават и од градинка. Проблемот е што детето нема симптоматологија, родителите тешко го приметуваат и кога ке стане изразен проблем  е најчесто доцна . Потоа треба да се применат поригорозни начини, корсети и физиотерапевтски процедури.  Скринингот треба се прави од најмала возраст. Десет години е границата кога треба секое дете да има личен картон за неговиот раст и развој-додава професорот Живковиќ. Во последниот извештајот на  Институтот  за јавно здравје,  при редовните систематски прегледи минатата ученка година, утврдено е дека деформитетите и лошото држење на телото се најзастапените патолошки состојби кај учениците од основното образование. Од  деформитетите на телото најбројни се деформитетите на стопалото кои се евидентирани кај 11.951 ученици или 20,5% , потоа лошото држење на телото кое е евидентирано кај 10.126 ученици или 17,4%, и деформитетите на ’рбетниот столб и градниот кош кај 9.961 ученици или 17,1%. Деформитетите на ’рбетниот столб и градниот кош  најмногу се застапени кај учениците од III и V одделение, додека деформитетите на стопалото во најголем број се регистрирани  во I и  III одделение . Се додека деформитетите не преминат во втора фаза, велат експертите,  и кај детето не се јават болки, несоница, температура и други симптоми, родителите не го забележуваат тоа. Целосна корекција, велат упатените, се постигнува тешко и оти токму затоа е потребна поголема соработка меѓу родителите и наставниците по физичко воспитување како и лекарите,  кои први може да забележат и да алармираат за аномалиите во држењето на телото, на рбетот или на друг дел од скелетот бидејќи здравјето на децата кои се во развој неможе да се компензира и да се остави за подоцна. С.Б.
Слично

Поврзани вести