Дефицитот на САД падна на најниско ниво
Трговскиот дефицит на САД во ноември „се лизна“ на најниско ниво за девет месеци, бидејќи силниот пад на увозот го надминал намалувањето на извозот.
Во соопштението на американското министерство за трговија се наведува дека трговскиот дефицит на САД е намален во ноември за 5,0 одсто, на 42,4 милијарди долари, што ги, како што пренесе Франс прес, изненадило аналитичарите кои очекувале зголемување.
Министерството, исто така, ги ревидирало податоците за трговскиот дефицит за октомври 2015 година, на 44,6 милијарди долари од претходните 43,9 милијарди долари.
Извозот на САД во ноември паднал за 1,6 одсто на 182,2 милијарди долари, што е најмала вкупна месечна вредност од јануари 2012 година, додека увозот е намален за 1,7 одтсо, на 224,6 милијарда долари.
Американските произведувачи, како што наведува агенцијата АП, биле тешко погодени од силниот долар, што ги прави нивните производи скапи на меѓународните пазари. Произведувачите исто така, се соочени со проблем на економски застој на нивните најголеми извозни пазари, како што се Европа и Кина.
Помал ноемвриски дефицит би требало да му даде поттик на растот на бруто домашниот производ во САД во четвртиот квартал.
