Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДЕБАТА ПРЕД МОН: Наставниците фрлија ракавица, дали Адеми ќе прифати?!

ДЕБАТА ПРЕД МОН: Наставниците фрлија  ракавица, дали Адеми ќе прифати?!
Наставниците и професорите утре напладне  излегуваат на јавна дебата на отворено, во паркот пред Министерството за образование.  Официјално го поканија и министерот за образование и наука Адеми и претставници на Државниот испитен центар, Бирото за развој на образование и СОНК, но оттаму сеуште нема одговор дали ќе се одзват на поканата. Според професорите, судејќи по досегашниот игнорантски однос на власта, не се големи оптимисти дека некој од нив ќе излезе и отворено ќе проговори за проблемите и евентуалните решенија, но велат “Никогаш не се знае?!”-поканата е отворена! ”Немаме маса бидејќи е на отворено па јавната дебата е  „Округла Фонтана“ и е  на тема „До каде стигна Македонското образование?“. Имајќи ги во предвид повеќемесечните настани околу лошите реформи во образовниот систем, штрајкот, протестите, бојкотот, екстерното, измените  во законите решивме да организираме ваква дебата која нокогаш досега не се случи иако многупати инсистиравме на средби  и разговори. На овој начин сакаме да  покажеме дека секој има право на свое мислење и изнесување на аргументи кои може да бидат од суштествено значење за подобар образовен процес.  Секој да донесе размислувања што направивме со образованието во Македонија во изминатиов период. Направивме ли образованието да биде столб на општеството или ги поткопавме темелите па столбовите почнаа да паѓаат?”- објаснуваат од Наставничкиот пленум. Иако официјално пред десетина дена заврши учебната година, во училиштата се повеќе расте незадоволството и реакциите на наставниот кадар од како што велат лошите образовни реформи. Според Пленумот наставниците и професорите не смеат да молчат пред реалните проблеми и да бидат само неми посматрачи. Новите законски измени според нив, многу брзо ќе се реализираат, особено откако деновиве ќе излезат резултатите од екстерното тестирање. Изземањето на казните за нив не значи договор ниту решение, туку слободен пат да се реализираат најтешките и најлоши законски одредби-отпуштања од работа. “Тие закони се темел на цел еден систем нарешен образовен систем – систем кој е основа за успехот или неуспехот на целото општество. Во нив нема отворање на можности за јакнење на образовните стандарди во сите сегменти на образовниот систем, а тоа треба да  подразбира целосна ревизија на наставните планови и програми кои се преобемни, јакнење на училишната литература и отворање на прашања за квалитетот на учебниците, барање можности за создавање подобри услови за работа во училиштата, подготвеност да се зајакнат училиштата со училишни тимови за поддршка на учениците, подобра инклузија на децата со пречки во развој, создавање програми за развој на наставниот кадар, создавање на систем за контрола на квалитет во делот на едукација на наставниот кадар наместо имплементација на странски искуства преку проекти на МОН. Треба да имаме целосно ревидиран систем на вреднување на квалитетот на работата на наставниците и можноста за нивен професионален развој, примена на стандардите за оценување на учениците кои последните седум години се покажаат како добар начин да се јакне креативноста кај учениците и уште многу други суштински работи кои се сржта на промените во еден образовен систем.За жал новите измени нудат само санкции и заплашувања”-реагираат од Наставничкиот пленум. Досега надлежните, според нив  не излегоа со издржана и аргументирана анализа на ефектите кои од него произлегле  низ годините и со ниту еден суштински и професионално поткрепен со факти став велат  не докажале  дека вака искреиран и со вакви механизми спроведен  систем навистина е алатка за подигање на квалитетот на образованието. Напротив, велат образовниот систем никогаш досега не бил поблиску до нивото кое по ниту еден основ не може да се поврзе со квалитет и подалеку од нивото кое еден здрав воспитно-образовен организам мора да го подразбере. “Директен и несоборлив доказ се масата ученици кои од клупите не изнесуваат знаење кое нивниот ум од затворен ќе го преобразат во отворен затоа што сме ги научиле да мислат, туку носат механизми на снаоѓање усовршени до ниво на уметност и дискутабилни фактографски усвоени секвенци, архивирани во нивните мозоци по потреба и во интерес на ситуационото изведување на едночасовната тажна пиеса, сведена на 30 прашања кои немаат никаква врска со она што навистина го знаат”-нагласуваат од Пленумот. По завршувањето на уште еден круг , како што велат од страшниот циклус на воспитно-образовните деформации – екстерното тестирање, наставниците уште еднаш апелираат до надлежните доколку навистина сакаат образованието да го врзат со квалитетот- да застанат со напливот на импровизации од типот на екстерното тестирање, кои го навредуваат и деградираат наставникот и неговата целогодишна работа со децата, а ученикот засекогаш го оддалечуваат од здравите модели на учење.На  наставниците  кои навистина сакаат да се изборат за квалитетот во образованито, им порачуваат  да се изборат за враќање на достоинството на професијата. Дополнително на родителите им порачуваат  доколку сакаат нивните деца училиштето да го доживуваат како свој втор дом, треба да застанат зад наставниците во борбата за знаење, за воспитување, за добар учебник и за реална оценка за нивните деца. Утрешната дебата според најавите на Наставничкиот пленум е отворена за сите кои сакаат да отворат јавна дискусија за проблемите во образованието, можноста да се чуе мислењето и ставот на родителите, учениците, наставниците, надлежните, да се согледа што е тоа што не му дозволува на овој систем да „произведе“ квалитет на пазарот на трудот и која е причината за слабиот успех на учениците во светски рамки. Според нив секој заинтересиран слободно може да дискутира за можностите и решенијата за  подигнување на вредностите и квалитетот на образовниот систем.   За  “плашливците” велат од Пленумот присуството е со најава за навреме да им најдат  “дрво зад кое ќе се сокријат”. С.Б.
Слично

Поврзани вести