Давутоглу: Примирјето во Сирија не е задолжително за Турција
„Примирјето во Сирија не е задолжително во случај на закана за безбедноста на Турција“, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
„Прекинот на огнот не е обврска за нас, кога постои закана за националната безбедност. Ние ќе ги преземеме потребните мерки против силите на народна самоодбрана (военото крило на партијата „Демократски сојуз“ на сириските Курди) и „Исламска држава“, ако е потребно“, рече Давутоглу.
Објавеното прекинување на непријателствата во понеделникот од страна на САД и Русија е втор ваков предлог во рок од неколку недели.
Првиот предлог заврши минатата недела, без дури да почне. Но ако се оди онака како што е предвидено, од полноќ во саботата, 27 февруари, борбите во Сирија ќе престанат или барем драматично ќе се намалат.
Иако е прифатено и од властите, и од опозицијата, според некои аналитичари поради сложената ситуација на терен во земјата, примирјето може и да не успее да ги постигне саканите резултати.
