Давутоглу: Јас го наредив соборувањето на рускиот авион
„Јас лично дадов наредба за соборување на рускиот авион“.
Тоа, го изјавил турскиот премиер Ахмет Давутоглу пред членовите на неговата партија во Анкара. Според него рускиот авион го нарушил турскиот воздушен простор.
Давутоглу соопштил дека од контролниот центар само за 5 минути го предупредиле десет пати авионот. „И покрај предупредувањата бевме должни да го уништиме овој авион. Турските воздухопловни сили го извршија нападот по моја лично наредба“, изјавил Ахмет Давутоглу.
„Ние не сакавме да дојде до такво нешто, но секој треба да го почитува правото на Турција и да ги брани своите граници“, изјавил тој и додал дека: Русија е пријател на Турција и Анкара не сака да дојде до прекин на односите со Москва, но Турција треба да го брани својот воздушен простор.
На 24 ноември борбен авион на турските воздухопловни сили „F-16“ собори руски воиен авион „Су-24М“, кој според тврдењата на Анкара, го прекршил нејзиниот воздушен простор во реонот на границата со Сирија.
Министерството за одбрана на Русија од своја страна тврди дека авионот „Су-24М“ се наоѓал над сириска територија и немало прекршување на воздушниот простор на Турција.
Преживеаниот пилот Константин Мурахтин тврди дека немало никакво предупредување пред нападот.
„Немаше предупредување. Немаше никаква комуникација - ниту Радио ниту визуелна. Немаше никаков контакт“, изјавил Мурахтин и ја исклучи можноста неговиот авион да го прекршил воздушниот простор на Турција.
