Давос: Најголема закана за земјите и бизнисот ќе биде ризикот од меѓународен конфликт.
Околу 2.500 политичари и бизнис лидери како и 40 лидери на држави и влади ќе земат учество на Светскиот економски форум кој од денес почнува да се одржува во Давос, во Швајцарија.
Главни теми кои ќе ги предочат учесниците на годинешната средба секако ќе бидат цените на нафтата, климатските промени, подемот на Кина, дефлацијата низ целата еврозона, конфликтот меѓу Русија и Украина, како и нееднаквоста во приходите.
Во пресрет на отворањето Меѓународниот монетарен фонд објави мрачни прогнози за глобалниот економски развој во наредните две години.
Меѓународната организација за труд пак предвидува дека бавниот економски развој би можело да предизвика пораст на бројот на невработените во светот од сегашните 201 милион, на 212 милиони до 2019 година.
Собирот се одвива во услови на немири, но и зајакната подготвеност на силите за безбедност по нападите во Париз, потенцијалните одлуки на Европската централна банка да ја почне програмата за обврзници и рекорден пораст на вредноста на швајцарскиот франк.
На почетокот од Светскиот економски форум во Давос беше потенцирано дека најголема закана за земјите и бизнисот во следната децении ќе биде ризикот од меѓународен конфликт.
Оценката е базирана врз одговорите од светски бизнис лидери и аналитичари добиени пред неколку месеци, но ова е прв пат во историјата на истражувањето, конфликтите во светот да ги тргнат економските ризици од врвот на листата.
“Изненадувачки е дека геополитичките ризици се истакнати многу посилно отколку другите ризици”, изјави Маргарета Џениек – Хануз, водечки економист на Светскиот економски форум.
Слично
