Давор Поповски – Прв предизвик со кој треба да се соочи новиот студентски лидер е враќање на довербата и угледот на СПУКМ!
“Враќање на угледот на Студентскиот парламент и довербата кон организацијата бараат многу напор и многу работа. Во минатото сум соработувал со многу различни студентски организации кога станувало збор за доброто на студентите и тоа планирам да продолжам да го правам. Мислам дека е добро да има голем број на студентски организации и најважното е секоја да се залага за им помогне на студентите”-вели за Фактор Давор Поповски, кандидат за нов студентски лидер. Поповски е студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство кој ја доби поддршката од седум матични факултети. И тој како и неговиот колега од Медицинскиот факултет, Стефан Василевски не сака да ја коментира реакцијата на Студентскиот пленум за нелегитимноста на изборниот процес и нетранспарентното однесување на досегашното студентско раководство кое фрли сенка врз работата на организацијата, ниту пак сака да коментира за најавениот бојкот на изборите. Но, признава дека на Парламентот му е потребна стратешка реорганизација и тотална транспарентност која треба да ја врати довербата кон студентите за кои и првично постои истата. Негова цел е доколку ја добие довербата во следните две години вистински да го подобри студентскиот стандард и да понуди реални решенија за проблемите.
“Реакцијата на група млади луге во овој период не би ја коментирал, секој има право на свое мислење и начин како мисли дека треба да дејствува. Сакам да направам стратешка реорганизација и тотална транспарентност на СПУКМ, потоа зголемување на довербата на студентите во работата на СПУКМ со поголема јавност во своето работење и истакнување на извештаи на квартално, полугодишно и годишно ниво. Просториите на СПУКМ ќе бидат ДОСТАПНИ за студентите секој ден. Мора да има објавување на извештај за сработеното на веб страницата на СПУКМ, како и на сите социјални медиуми, јавни трибини на секој од факултетите, каде што секој студент би можел да дознае повеќе за работата на СПУКМ, за дефинирање на студентските проблеми и идни проекти”- вели Поповски.
Во неговата изборна програма посебно се осврнува на подобрување на студентскиот стандард и креирање на европски студентски домови. Целта е вели да се доведат условите до ниво на кое ниту еден студент нема да има потреба да ги избегнува домовите и да се изложува на дополнителни трошоци за да изнајмува приватни станови.
“Решавање на проблемот со недостаток на оброци и квалитетот на оброците во студентските домови мора да има. Сите студентски домови ќе имаат иста храна која ќе им обезбеди избор на здрава и свежо приготвена квалитетна храна на студентите жители во домовите. Обезбедување на дневен студентски топол оброк по цена од 60-100 денари, во сите Student-Friendly Place локали во Македонија. Во соработка со студентските парламенти на останатите универзитети во Македонија ќе обезбедиме намалување на цената на картата на меѓуградскиот превоз за студентите кои не живеат во градот во кој студираат”- додава Поповски.
Новиот СПУКМ според него ќе се избори за измена во законот за вработување која ќе му овозможи на секој редовен студент во Македонија да биде вработен на половина работно време со однапред дефиниран минимум платен час/бод. Сите работодавци вели ќе бидат обврзани да го испочитуваат овој закон, а особено ќе ги охрабрува вработувањата на студентите на позиции кои би требало да ги работат по завршување на насоката на студии.
“Потребни се соодветни студентски пракси со профилот на студирање, платени и реални пракси. Ќе има изготвување и редовно ажурирање на годишен календар. Годишниот календар на студентски активности од сите факултети ќе вклучува распоред на испити, колоквиумски недели, упис и заверка на семестар како и студентски забави, размени, посета на странски професори и сите останати активности кои ги интересираат студентите. Тој ќе биде создаден за подобро да си го организираме нашето студирање и притоа да не пропуштиме некој настан кој би ни бил од огромно значење или некој семинар на кој би сакале да учествуваме, да пријавиме свој труд”- додава Поповски.
За подобар квалитет на наставата и високото образование вели потребни се редовни евалуации на сите факултети на ,,Св. Кирил и Методиј” во кои СПУКМ ќе земе учество и притоа ќе се погрижи да има целосна транспарентност и консултирање со светски експерти за имплементација и адаптирање на системи за студирање.
“Потребно е промовирање на можностите кои се нудат преку ЕРАЗМУС+ програмата, и поблиска соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Промовирање и имплементирање на принципот „Student-Centred Learning“, односно, Студентот во центарот на образовниот процес. Ова подразбира поинаков пристап на целото студирање, односно студентот преку активно учење и комуникација со своите колеги и професори ќе успее да совлада знаења и вештини кои ќе му помогнат во неговите предизвици во студирањето и идната работа. СПУКМ ќе се погрижи за промовирањето на овој концепт и на разни иновативни методи на учење и полесно совладување на знаењето”
Имајќи ги во предвид финансиските тешкотии со кои се соочуваат голем дел од студентите вели ќе разговара со сите финансиски институции во државата со цел да се оформи посебна програма за посебни студентски кредити со поголеми олеснителни околности при враќањето на истите, односно грејс период на плаќање на кредитот по завршување на студиската програма. Во неговата програма ветува дека ќе обезбеди намалување на цената на втор и трет циклус студии, и притоа ќе овозможи секој од факултетите да дозволи плаќање на сумата на 6 - 12 рати.
“Студентска картичка. Ваква картичка ќе добие секој студент при запишување на семестар. Овие попусти ќе опфатат храна, пијалоци, културни настани, книги, фитнес центри, курсеви, обуки и слично. Со оглед на фактот што најголем дел од студентите користат јавен градски превоз, ќе разговараме со претставници од градските превозници со цел намалување на цената на чинење на студентскиот билет барем за 50% и добивање на персонализирана картичка за секој студент кој ќе патува со јавен градски превоз. Секој месец ќе се организира бесплатна обука за меки вештини (Presentation and Communication Skills, Public Speaking, Entrepreneurship, Innovations, Start Ups, Leadership...). Обуките ќе се одржуваат на различни факултети за да им бидат достапни на сите студенти, а бидејќи не можат сите вештини да се обработат добро одеднаш, ќе им помогнеме на локалните студентски парламенти да организираат вакви настани многу почесто. Организирање на саем за вработување на ниво на целиот универзитет. Целта е собирање на огромен број на компании од технички, општествен и финансиски сектор кои ќе понудат пракси за студенти од различна година на студирање. Со ова ќе ја олесниме комуникацијата на сите студенти во однос на задолжителната пракса како и вработувањето по завршувањето на студиите”- објаснува во својата програма Поповски.
Иако студентот од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство не ја коментира досегашната работа на СПУКМ, за начинот на кој досегашното раководство ја води организацијата која треба да ги застапува правата на студентите говори фактот што Давор Поповски во својата програма значајно место издвоил за креирање на посебна платформа за анонимни забелешки, поплаки и коментари која ќе се реализира со посебни обуки и информации. Кодот од оваа платформа вели ќе биде јавно достапен, со цел сите кои се сомневаат во анонимноста, да можат лесно да го увидат тоа, или пак да помогнат во нејзиното подобрување. Очекува дека овој проект ќе биде од особено значење за некои од најголемите проблеми со кои се сретнуваат студентите, а од страв молчат за нив„.
