Давитковски и Иванов очекуваат доследно спроведување на препораките од Извештајот
Претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со претседателот на ад хок Комисијата за настаните од 24 декември, професорот Борче Давитковски, го поздрави потпишувањето на извештајот на Комисијата и изрази очекување дека препораките од Извештајот ќе бидат доследно спроведени, информираат од кабинетот на шефот на државата.
„Врз основа на информациите добиени од претседателот на ад-хок комисијата, претседателот Иванов изрази жалење за изгубеното време и начинот на кој се постигна договор околу конечниот извештај. Од друга страна, претседателот Иванов го поздрави државничкото однесување, покажаната зрелост, разумност и направените отстапки, со цел да се заштитат државните интереси и интересите на граѓаните, кои секојпат знаат да препознаат кој работи во нивни интерес“ - се наведува во соопштението од кабинетот на Иванов.
Македонскиот претседател, меѓудругото, апелираше и еднаш засекогаш да се престане со деструктивни политики, политиките на ултиматуми и уцени и поставување на тесно-партиските интереси и интересите на поединци, над интересите на државата и граѓаните.
Претседателот на Комисијата, Давитковски, пак, по средбата со претседателот Иванов, изјави дека е добро што побрзо да се имплементира договорот постигнат и потпишан во Комисијата.
- Немам впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ не го признава Извештајот на Комисијата, бидејќи на документот се ставени нивни потписи. Најголемиот товар од Извештајот ќе го понесе токму ВМРО-ДПМНЕ. Денеска овој документ го доставив до претседателот Ѓорге Иванов, за кого е прифатлив овој извештај и тој очекува подобра политичка клима со неговото имплементирање во парламентот - истакна Давитковски.
Тој ги повика партиите разумно да одлучуваат по Извештајот кога тој ќе дојде на дневен ред во Собранието.
Слично
