Економија, финансии, бизнис

Контакт

Даскалов: Верувам дека ќе ги надминеме недоразбирањата со Инспекторатот за мерењата, размислуваме за рестартирање на Пејпер Мил, но не по секоја цена

Даскалов: Верувам дека ќе ги надминеме недоразбирањата со Инспекторатот за мерењата, размислуваме за рестартирање на Пејпер Мил, но не по секоја цена

Размислуваме за реално решение и за рестартирање на фабриката, но не по секоја цена, вели во интервју за Фактор генералниот директор на кочанската фабрика за хартија Пејпер Мил, Јулијан Даскалов. Компанијата прекина со работа откако Државниот инспекторат за животна средина и наложи процесот на производство да биде исклучиво на метан, а се одржуваа и протести на жителите. Даскалов, како што вели, со жалење констатира дека и покрај неработењето на фабриката, во последните две недели,  вредностите на загаденост на воздухот во Кочани и натаму се високи, сместувајќи го на врвот на листата на најзагадени градови во земјата. Пејпер Мил, потенцира Даскалов, и со користењето на биогориво, односно био маса, е во согласност со А интегрираната дозвола. Не ја оспоруваат одлуката на Инспекторатот, но сметаат дека се работи за недоразбирање.  Вели, ги имаат сите акредитации на лабораторијата кои потврдуваат дека се релевантни за мерењата кои ги направија во фабриката. Сепак, Пејпер Мил постапува по решението на Инспекторатот и фабриката нема да работи сé додека не пристигне вреќестиот филтер во првиот квартал од годинава, истакнува Даскалов.  

Даскалов: Кога ја купивме фабриката во 2016 година, таа работеше на мазут. По консултациите со Министерството за животна средина, заклучивме дека мазутот не ги исполнува еколошките стандарди и решивме да инвестираме повеќе од 50.000 евра во реконструкција на постојниот котел за да можеме да користиме метан. Иако знаевме дека Кочани нема централен систем за биогас (метан), ние бевме подготвени да увезуваме компресиран метан, притоа за нас 25 проценти поскапа опција поради транспортот и трошокот за компресирање. Најдовме добавувач што можеше да ја гарантира огромната количина потребна за нормално работење на фабриката, помеѓу 1,5 и 2 милиони кубни метри годишно, кој доставува компресиран метан од Бугарија. За жал, за помалку од две години, цената на метанот скокна за повеќе од 50 отсто, што буквално нè стави пред одлуката да најдеме алтернатива или да ја затвориме фабриката. По темелните анализи кои ги направивме, со оглед на околностите дека градот нема гасификација, а цената за увоз на компресиран метан драстично порасна, увидовме дека одржливоста на процесот и опстанокот на фабриката се можни само со користење на комбинирани енергенси, кои секако се во согласност со интегрираната дозвола. Јас лично побарав стручна помош од надворешни консултанти, како и од колеги во нашата индустрија. По многу состаноци, консултации и разгледување на постојните инсталации, ја одбравме опцијата за набавка на котел на биомаса, односно пелети од сончоглед. Во контекст на вашето прашање, користењето на биогориво, во нашиот случај био маса, е сосема во согласност и според стандардите на А интегрираната дозвола, а целиот тој процес на набавка на котелот на биомаса беше во координација со Министерството за животна средина. Морам да истакнам дека изминатите години вложивме многу во унапредување на технологијата, но секако дека доколку има централно напојување со гас, ние сме подготвени да гo користиме метанот како единствен енергенс.


Во образложението по затворањето на фабриката, а и во повеќе наврати подоцна тврдите дека последните  мерења што се по налог на Инспекторатот утврдиле отстапувања. Зошто сметате дека се спорни овие мерења?

Даскалов: Не би сакал да ја оспорувам одлуката на Инспекторатот на кој било начин, но она што е нејасно за мене и крајно загрижувачки е дека со години во Пејпер Мил се вршат редовни мерења и резултатите секогаш биле во рамки на дозволеното и прифатени од институциите. Во последните десетина мерења имаше три кои покажаа минимални отстапувања од дозволените граници, на основ на што ние веднаш донесовме одлука за унапредување на технолошкиот процес и нова инвестиција во таканаречен вреќест филтер.  Притоа, шест резултати од акредитирани лаборатории од ЕУ покажаа вредности кои се целосно во рамките на стандардите, па би рекол дури и во долните граници според А интегрираната дозвола. Во однос на последното мерење, Инспекторатот за животна средина соопшти дека лабораторијата со која ние соработувавме ја нема соодветната акредитација, односно истата е акредитирана да мери до 50 микрограми за прашина. Но, ние ги имаме сите акредитации на лабораторијата кои потврдуваат дека се релевантни за мерењата кои ги направија во Пејпер Мил. Причината заради која Инспекторатот не ги зема предвид овие резултати е најверојатно некое недоразбирање, кое верувам ќе го надминеме.   

Какви други мерења Вие сте направиле и што покажаа тие?

Даскалов: Пред сé сакам да нагласам дека и од наш интерес е да имаме целосен и правилен увид во вистинските вредности, затоа и често правиме мерења и соработуваме со повеќе акредитирани лаборатории од земјата и ЕУ. Досега ниту една лабораторија никогаш не покажала лоши резултати. Нам практично стандарди ни наметнува и самата Групација во рамките на која ние делуваме. Како дел од една Групација која работи во областа и во ЕУ (United Cluster), во кодексот на работа ни е да бидеме општествено одговорни и да ги следиме стандардите на Групацијата, кои вклучуваат ISO сертификација, FSCC и други еколошки стандарди, апсолутно задолжителни за секоја од компаниите. Ние  веднаш постапивме по решението на Инспекторатот за животна средина и фабриката нема да работи сé додека не пристигне новата опрема, а ја очекуваме во првиот квартал од годинава. Во меѓувреме, целосно сме подготвени и се надеваме на соработка со институциите во интерес на сите чинители. Сепак, не треба да се занемари фактот дека Пејпер Мил има исклучително важна еколошка функција во државата. Количините на отпадна хартија и картон кои се преработуваат во погонот на нашата фабрика се сметаат за постигнување на национални цели. Пејпер Мил ја рециклира речиси цела отпадна хартија во земјава и повторно ја враќа во употреба преку готови продукти. Станува збор за капацитет од 14.400 тони отпадна хартија годишно, a ние веќе имаме направено и проекти за тројно зголемување на овие капацитети.


Велите дека работењето само на метан не е исплатливо во услови на криза, но жителите на Кочани веќе подолг период се жалат дека директно ги чувствуваат последиците од испуштениот чад. Ако сте во право и процесот на производство не отстапува од стандардите зошто сметате дека има реакции од жителите на Кочани?

Даскалов: Со жалење ќе констатирам дека и покрај, еве веќе две недели неработење на фабриката Пејпер Мил, која беше етикетирана како најголем загадувач во градот, вредностите на загаденост на воздухот во Кочани и натаму се високи, сместувајќи го Кочани на врвот на листата на најзагадени градови во земјата. Не би сакал да ме разберете погрешно, но ние навистина долго време од жителите на градот бевме посочувани како извор на проблемот, а се покажа дека и по нашето затворање, состојбата не е подобрена. Сметам дека е несоодветно да се лоцира вината во Пејпер Мил.  Ние исто како и жителите на градот, сакаме и се залагаме за чиста животна околина и сите инвестиции ги насочуваме кон унапредување на процесите и заштита на животната средина.

Инаку, јас лично како генерален директор на Пејпер Мил, одговорно тврдам дека ниту има, ниту некогаш сум почувствувал некаков политички притисок и искрено воопшто и не би сакал да размислувам во таа насока. Ние сме деловно ориентирани луѓе и за нас и за нашите сопственици е важно да имаме одржлив, еколошки и општествено одговорен бизнис во сите аспекти на работењето, што секако носи одредена стапка на профит. Во таа насока се и вложувањата од 7-те милиони евра кои ние ги направивме во модернизирање на технологии и процеси, по купување на фабриката. Посебен пристап беше направен кон чистите технологии и адаптација за рециклажа. Во нашите идни развојни планови предвидовме нови 15 милиони евра инвестиции во квалитетот на производите, зголемување на капацитетот и минимизирање на влијанието врз животната средина и за 30 проценти зголемување на човечкиот капитал во фабриката, што ќе има бенефит и за нас како компанија, за вработените, за локалната заедница, но и за целата земја.


Вие имате за две години ( 2018 и 2019) загуба поголема од еден милион евра, а вкупни приходи од 9,5 милиони евра. Каков е финансискиот резултат за минатата година, со какви показатели ја завршивте 2020 година?

Даскалов: По 5 години од купувањето на фабриката, оваа 2020 година ја завршивме со добивка. Горд сум на достигнувањата на целиот тим, сите 120 вработени кои во овој тежок период и во услови на Ковид криза, ја дадоа својата поддршка и придонесоа за првпат да забележиме позитивни финансиски резултати.  Сето ова е резултат на исклучителната работа и посветеност на секој од вработените во компанијата, за што јас искрено им благодарам. Наша цел во изминатите години беше да го стабилизираме и зголемиме производниот капацитет од 600 на 1350 тони рециклирана хартија месечно, да изградивме од нула база на клиенти во целиот регион на Балканот и да создадеме уникатна палета на производи. И успеавме во тоа. Пејпер Мил во моментов е единствениот рециклатор на хартија во Македонија и единствениот производител на повеќе видови на хартија за пакување на Балканот и пошироко, џамбо ролни со различни димензии по нарачка на производителите, за кои се води строга контрола на производството потпомогната од Валмет системот со интегриран Метсо скенер и сопствена лабораторија како крајна контрола.

Ако се има предвид резултатот за претходните две години, кој е загуба, може економски да се претпостави дека ја затворате фабриката поради лошите резултати. Дали е тоа точно, или, пак, единствената причина, како што тврдите, е фактот што сега ќе бидете дополнително оптоварени од одлуката да произведувате единствено на метан?

Даскалов: Во 2016 година купивме стара фабрика кој не работела 5 години. Знаевме дека ќе треба да вложуваме и некое време да не сметаме на профит, додека таа да се стабилизира и да започне да работи профитабилно. Таков беше иницијалниот буџет и бизнис проценките, со кои утврдивме дека првите 5 години ќе имаме оперативна загуба, што е сосема нормално. Тоа беше договорено со сопствениците и усвоено од собрането на акционерите. Од тука, загубите во работењето во изминатите години се планирани и се резултат на големите инвестиции во опрема, технологија, луѓе, кои треба да дадат профитабилност на долг рок. Ние не сме тука за брза добивка. Нам ни значи фабриката, ни значат 120-те вработени. Како што кажав, 2020 за првпат ја завршивме со позитивни резултати и добивка. И сега наместо да се радуваме на резултатите и да продолжиме во таа насока, ние повторно сме соочени, овој пат со непланирани загуби, наметнати од прекинот на работата, а врз основа на решението на Инспекторатот за животна средина да продолжиме со процесите само со користење на скапиот увозен метан.

Во јавноста се шират шпекулации дека со одлуката за затворање купивте извесно време и ја искористивте приликата на некаков начин да се заканите дека ќе си одите. Како ги коментирате овие изјави, дали оваа одлука е всушност само предупредување?

Даскалов: Како што кажав, ние сме сериозна бизнис групација и никогаш не би си дозволиле блефирање или каква било друга форма на притисок врз институциите. Апсолутно  не станува збор за купување на време, но реална е опасноста и јас сум во секојдневни разговори со сопствениците, кои бараат решение за иднината на фабриката. Засега е јасно дека никој не е подготвен да губи повеќе без да има најмала идеја како, кога и кој може да дојде и да ја затвори фабриката и со каков аргумент. Оваа и следната недела имаме разговори во централата, како и тука во Македонија, и се надевам дека ќе најдеме соодветно решение за стабилизација и продолжување со работа на единствениот рециклатор на хартија во земјава.  Освен тоа, ние имаме обврски и кон нашите добавувачи и купувачи, чии двомесечни нарачки бевме приморани да ги откажеме на неопределено време. Секако и кон вработените, чиј статус го решивме за следните два месеци, но во разговорот со нив, чесно им најавивме дека ќе направиме сé за да ги рестартираме процесите во фабриката и да ги вратиме на работа.


Какви се сега Вашите планови? Дали размислувате за повлекување или евентуална продажба или останувате да се борите со вашите аргументи?

Даскалов: Ние се бориме за реално и адекватно решение за рестартирање на производството, но не по секоја цена. Не се зборува за продажба и моето лично размислување е дека тоа засега не е можност. Постојат други сценарија, како затворање на фабриката додека не се реши проблемот со гасификација, преместување на фабриката на друга локација - во друга земја каде што работи Групацијата и така натаму, но тоа сега не е на дневен ред. Во моментов единствената опција на која сме фокусирани е можноста да продолжиме со работењето на фабриката, тука во Кочани.

Колку вработени имате и што ќе се случува со нив во наредниот период? Колкави се платите што се исплатуваат на вработените во фабриката?

Даскалов: Фабриката вработува 120 вработени, а просечната плата изнесува околу 25.000 денари. По решението за привремен прекин на работата, нам ни беше многу важно да го решиме статусот на вработените. После консултации со правни лица, донесовме одлука во наредните два месеци вработените да добиваат 70 отсто од платата за целиот период додека не одат на работа. Минатиот петок имавме средба со вработените и јас лично ги информирав за оваа одлука. Морам да признаам дека ниту мене, ниту на вработените не ни беше сеедно. Од една страна нашата неизвесност дали ќе успееме да ги рестартираме процесите и да ги задржиме луѓето на работа, од друга страна нивната неизвесност и прашањето на егзистенција, ако ние не успееме во тоа.Сепак живееме во време на социјална и економска несигурност предизвикана од пандемијата.  Но ако успеавме да го надминеме предизвикот со корона кризата и да не отпуштиме вработени, сигурен сум дека ќе го надминеме и овој предизвик.

Вработените се во моментов дома, откажани се нарачките кон купувачите, прекинато е работењето на фабриката, што понатаму? Какви следни чекори ќе преземете?

Даскалов: Одлуката за прекин на работењето нè погоди сите, но оптимизмот не нè напушта и конструктивно и активно работиме на надминување на околностите од новонастанатата состојба. Правиме напори да создадеме услови и поддршка на сите чинители за рестартирање на фабриката во април оваа година. Веќе е нарачана опремата која треба да пристигне кон крајот на првиот квартал годинава, а со која уште повеќе ќе се унапреди технолошкиот процес и ќе се намали влијанието од работата на фабриката врз околината. Го почитуваме решението на  Инспекторатот за животна средина и остануваме отворени за соработка. Важно ни е да имаме добра соработка со локалните власти, со локалната заедница, да работиме и живееме во чиста и здрава средина и секако да ја продлабочиме соработката со граѓанските организации и здруженија, затоа што верувам дека имаме иста цел – одржливо долгорочно работење, стабилни вработувања и здрава животна средина.

А.Т.

Слично

Поврзани вести