Даниелсон: Мора да има политичка одговорност за да се врати довербата во институциите
„Јас сум многу загрижен за тоа што се случи во Куманово. Европската унија го осудува секој облик на насилство и би сакал да им го искажам нашето длабоко сочувство до семејствата на луѓето кои ги загубија своите животи. Комесарот Хан веќе упати апел до сите инволвирани страни и актери за соработка во расчистување на она што се случило, кој е одговорен за тоа, и да се дејствува обединето по ова прашање. Исто така, важно е ова кривично дело да има соодветна истрага за да не разгори меѓуетнички тензии“, вели генералниот директор за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон во интервјут за интернет мрежата European Western Balkans .
Шведскиот дипломат вели дека биле доволно јасни дека овие настани не треба да го одвлекуваат вниманието од многу сериозната внатрешно-политичката ситуација“ во Македонија.
Тој смета и дека мора да има политичка одговорност за да се врати довербата во институциите и сите тврдења за можни потенцијални нерегуларности треба независно и транспарентно да бидат истражени.
„Владата и опозициските партии треба конструктивно да се вклучат во политичкиот дијалог, олеснет од страна на тројца членови на Европскиот парламент. Основните системски прашања во врска со владеењето на правото, слободата на медиумите, итн избори коишто Комисијата ги истакна во своите извештаи за напредокот, мора да се решат. Мора да постои политичка одговорност, да се врати довербата во институциите. Сите наводи за обвинувања за кривични дела треба веднаш, независно и транспарентно да се истражат од страна на надлежните органи“, порача Даниелсон.
