Даниел Димевски: Јас сум слободен советник на Заев, од салите на Кале немам ниту еден метар
Даниел Димевски, надворешниот советник од областа на спортот во премиерскиот кабинет, за „Фактор“ вели дека неговиот договор за закуп на парцели од СРЦ Кале со Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти не ја опфаќа спортската сала. Тој вели дека неговата функција како надворешен соработник своевремено на премиерот Зоран Заев му дозволувала да постигнува деловни договори со неговото претпријатие со јавни претпријатија на државата.
Ваквата реакција на поранешниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија следува откако по сопствена иницијатива денеска Антикорупциската комисија отвори предмет во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на надворешниот соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на Владата на РСМ. Според нив, тој во својство на надворешен соработник и управител на правното лице Турд Олимпик ДОО Скопје стекнал својство на закупец на СРЦ „Кале“ со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил буџетот на РСМ.
Под лупа на ДКСК се најде откако за неверојатно мала сума од 600 евра без ДДВ како месечна закупнина парцели кај поранешниот надворешен базен познат како „Плаја Виста“ на стопанисување во наредните 30 години, заклучно со 2049 година. Во моментот на склучување на овој договор, Димевски се водеше како надворешен соработник на експремиерот Зоран Заев за прашања во областа на спортот и негово унапредување.
- Јас како надворешен соработник сум слободен да потпишувам деловни договори и да обавувам стопанска дејност. Мојата функција во кабинетот е советодавна. Не сум државен службеник. Мојата фирма постои веќе 30 години, а јас ја регистрирав уште кога имав само 19 години. Тука сум фриленсер според законот и можам да работам хонорарно за услуги во областа на спортот, вели Димевски.
Тој вели дека неговото претпријатие Турд Олимпик ДОО Скопје е најпознато по тоа што дава консултантски услуги и своевремено стопанисувало со спортскиот фитнес клуб „Олимпик“ во рамките на Олимпискиот базен во Скопје. За предметот на договорот вели дека се работи за рунина, која треба да биде паркинг-простор.
- Тоа е паркинг кој сега е во темница и на луѓето им е страв да поминуваат од таму. Јас треба тоа место да го претворам во нормален паркинг. Јас разбирам дека како јавна личност треба да подлежам на критики, но ниту еден новинар не ми се јави до сега да ја слушне мојата страна. А веќе на сите страни се јавија заклучоци дека сум ја превзел салата и дека ќе остварувам огромни профити. Некоректно и од Антикорупциска комисија, бидејќи пред да го објави овој случај воопшто не бев прашан за мисење, додава Димевски.
Во неговиот демант вели дека спортските сали, Кале 1, Кале 2 и лизгалиштето, не се предмет на закуп. Како што тврди тој, Кале 1 е предадена на КФСМ, Кале 2 издадена на КК Вардар, додека спортското лизгалиште е издадено на Федерација за лизгачки спортови на РСМ. Ја повикувa антикорупциската комисија час поскоро да ги истражи сите релевантни факти и јавно да ја соопшти одлуката.
- Учествував на јавен оглас како што може тоа да го направи секој друг. Мојата понуда од 600 евра беше најголема од сите други. Со тоа што сум имал слободна советодавна функција во Владата, законски не ми се ускратува моето право на учество на овој оглас. Немам на што да се жалам, освен да ја повикам комисијата што побргу да го истражи овој случај за да види дека нема ништо спорно, вели Димевски.
А.К.
