Дамјановски вели бил повикан во полициска станица, МВР тврди – дошол сам
Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски вели дека попладнево полицијата го повикала на информативен разговор, заедно со уште тројца негови соработници.
Според Дамјановски, полицајците се интересирале за наводи за дистрибуција на изборен материјал за време на молкот. По веста за нивно приведување, пред полициската станица се собрале и револтирани граѓани кои барале Дамјановски веднаш да биде пуштен. Ова е изјавата на Дамјановски што ја објави порталот Кумановски муабети:
http://www.youtube.com/watch?v=z4TyU-__TdA#t=99
Од полицијата демантираат дека Дамјановски и неговите соработници биле приведени на информативен разговор, туку вели дека тие сами дошле во полициската станица.
„МВР согласно законот, известувало и ќе продолжи да известува за сите дејствија кои ги презема. Апелираме до медиумите да ја задржат професионалноста и дигнитетот, да ја проверуваат веродостојноста на информациите кои им се сервираат од „извори во партиите“ и да не дозволат да бидат вовлечени во сценаријата за кои се говореше, а со кои треба да се делегитимираат изборите и да се оспори вољата на граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението.
Од полицијата појаснуваат дека станува збор за сообраќајна контрола на полициска патрола во центарот на градот. Откако било забележано лице кое од претходно и е познато на полицијата како управува возило на општина Куманово, истото било запрено. Полициските службеници констатирале дека лице кое што управувало службено возило на општината воопшто и не било вработено таму. Истовремено забележале во општинското возило материјали на една политичка партија и зеле еден примерок од листовите.
За целиот настан ќе биде изготвен соодветен записник и ќе бидат известени и надлежните во општината за злоупотреба на возилото од лица кои не се вработени таму. Градоначалникот и неговите советници неповикано дошле во СВР Куманово. Се обидувале да појаснат дека, иако врнело дожд, во сабота попладне, возилото му било дадено на лице невработено во општината за „да го однесе на перење“.
МВР ги повикува политичките партии да се однесуваат достоинствено и да дозволат утрешните избори да бидат празник на демократијата. Да не се обидуваат со никакви сценарија да го нарушат најсветото демократско право, граѓаните сами да одлучат која од политичките понуди им гарантира просперитетна иднина.
Слично
