Дамјановски најавува кривична, Филиповски обвинува за долгови, Кумановци немаат вода
Додека Кумановци мака мачат со немањето вода за пиење, директорот на водостопанство „Кумановско-Липковско поле“, Филип Филиповски денеска најави стабилизирање на состојбата со водоснабдувањето во градот.
„Гарантирам дека ќе одржиме состанок со вработените и сите заеднички ќе излеземе на терен со цел да ја стабилизираме состојбата со водоснабдувањето“, рече Филиповски кои додава деке се свесни за состојбата и односите меѓу двете претпријатија ќе мора да се регулираат.Тој обвини дека едната страна одбегнува комуникација и исполнување на обврските, а лошиот пристап во однос на плаќањето на долговите доведува до уништување на водостопанство.
„Не се работи за затворање на вентилите или затворачите. Водостопанство ја испорачува истата количина, но станува збор за пуштање на системот за наводнување согласно законските регулативи. Апелирам до вработените на свој трошок да излезат на терен и за престојните празници да се надмине оваа криза“, рече Филиповски кој уште еднаш повтори дека „Водовод“ им должи 57 милиони денари.
Претходно, тимови од „Кумановско-Липковско поле“и Јавното претпријатие „Водовод“ одржаа состанок на кој не беше постигнат договор. Во меѓувреме градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски најавува кривична пријава за намалено снабдување на вода во Куманово цели пет дена, јавува 24 вести. Според него проблемот со недостигот на вода е вештачки и има политички мотиви.