Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дамјан Манчевски ќе го тужи Илија Димовски за случајот со кумановските паркинзи

Дамјан Манчевски ќе го тужи Илија Димовски за случајот со кумановските паркинзи
Уште една тужба за клевета се најавува меѓу двајца политичари. Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски најави дека ќе покрене тужба против директорот на Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски поради изнесените тврдења за негова инволвираност во фирмата Метропаркингплус и добиениот тендер за кумановските паркинзи. „Јас веќе подолго време немам никаква врска со таа фирма, ниту некогаш сум остварувал било какви приходи од неа“, рече Манчевски објаснувајќи дека самоиницијативно се повлекол од фирмата а за тоа ја известил и Државната комисија за спречување корупција. Димовски и денеска презентираше податоци за кои тврди дека го поврзуваат потпретседателот на СДСМ со оваа фирма, заради што Метропаркингплус добивала тендери во општина Куманово каде што градоначалникот е од оваа партија. „Тој вели дека се повлекол, но не е така. Дамјан Манчевски до ден денес е лице за контакт според официјалните документи на фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје. Оправдувањата кои за себе ги кажува Манчевски дека тој е нов и не бил политички експониран се целосна невистина. Впрочем Дамјан Манчевски е познат на политичката сцена многу оддамна“, вели Димовски. Според документите кои ги презентираше тој, фирмата Метропаркинг од Белград во јануари 2011 година склучила договор со Куманово паркинг по добиен тендер, а потоа работата била префрлена на скопската Метропаркингплус, во која Манчевски бил еден од сопствениците. Бизнисот бил тежок 400.000 евра. Денеска се огласи и повиканата фирма преку соопштение. Од таму ги повикуваат политичарите да не ги мешаат во нивните меѓупартиски пресметки. „Метропаркингплус доо Скопје е фирма во 100 процентна сопственост на странски инвеститори и не сака да биде дел од дневнополитички пресметки на партиите во Македонија“, реагираат од фирмата. Во соопштението се вели дека во текот на претходните две недели, Метропаркингплус била предмет на инспекција од страна на УЈП, но откако не било пронајдено ништо спорно во финансиското работење, „сега е симптоматично што претставници на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат интерни документи помеѓу фирмата и ЈП Куманово Паркинг“.  
Слично

Поврзани вести