ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали замената на куната со еврото е успешна приказна?

Дали замената на куната со еврото е успешна приказна?

Приклучувањето на Хрватска во eврозоната на 1 јануари 2023 година придонесе за раст на цените и повисока стапката на инфлација споредено со претходниот период, но сепак, според експертите, економските податоци сугерираат дека замената на куната со еврото е успешна приказна. 

Така, Хрватска лани беше меѓу земјите од ЕУ со највисока стапка на економски раст од 3,8 проценти, благодарение на позитивните резултати во туристичкиот сектор во услови на забавување на индустријата ширум Европа, додека невработеноста беше на најниско ниво од воведувањето на новата статистичка методологија за пресметување на стапката на невработени во земјата во 1996 година. Од воведувањето на еврото платите во Хрватска се зголемија за над 30 проценти. 

Според професорот од Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот во Загреб, Петар Сориќ, Хрватска се приклучи кон Еврозоната во услови на сериозни инфлаторни притисоци предизвикани од ковид пандемијата, кога стапката на инфлацијата во 2022 и 2023 година беше на највисоко ниво од почетокот на 90-тите години на минатиот век во време на распадот на поранешна Југославија. 

Во такви услови, според него, перцепцијата на граѓаните била дека високата инфлација и растот на цените се резултат на влезот во еврозоната. 

Сепак, според професорот од истиот Факултет, Фран Галетиќ, не треба да се занемари и влијанието на воведувањето на еврото врз растот на цените, посочувајќи го и примерот на Словенија каде во рок од 18 месеци од влезот на земјата во Еврозоната во јануари 2007 година, цените се зголемиле во просек за девет проценти. 

Сепак, според него, многу хрватски трговци ги зголемиле цените уште пред воведувањето на нивното двојно прикажување. 

Паралелно со растот на цените и инфлацијата, по влезот во Еврозоната, Хрватска забележа и економски раст, што во голема мерка се должи на зголемените приходи од туристичкиот сектор кој придонесува со околу една петтина во вкупниот БДП.

Во последните три години цените за туристичките услуги во Хрватска се зголемија за околу 50 проценти, што е далеку повеќе отколку во Шпанија или Грција, каде тие бележат раст за 15 до 20 отсто. 

Сепак, според експертите, генерално преминот на заедничка европска валута на Хрватска и донел многу повеќе придобивки, отколку штети. 

ad
Слично

Поврзани вести