Дали за „увезени“ работници од Бангладеш, Македонија би била само попатна станица?
Mакедонија може да „увезе“ работници од странство, но за тоа треба да има соодветен закон, смета Зоран Кочоски од агенцијата „Коузон“.
Тој вели дека она што сега се споменува во јавноста не е најдобра опција. Додава дека без законска регулатива која ќе ги прецизира сите детали околу „увозот“ на работна сила, Македонија нема да најде соодветно решение за да ги пополни работните места во повеќе сектори. Најдобро е процесот да се одвива преку агенции. Кочоски објаснува дека треба да се внимава од кои земји се носат работници, за да не се случи потоа тие оттука да заминуваат во други држави во Европа и да го загрозат движењето на македонските граѓани во шенген зоната. Како пример ја спомена Албанија, која обезбедила работници од странство, но повеќето од нив потоа отишле во други држави.
„Можно е и реално е Македонија да „увезе“ работна сила, но многу е важно да имаме закон, затоа што за тие работници треба да се обезбеди здравствено осигурување, да бидат осигурани во случај на повреда на работа, пензиското и социјалното осигурување да им бидат регулирани. Но, треба да се размислува да се донесат работници кои би останале да живеат во Македонија, би се интегрирале во општеството, би се вклопиле во овдешната култура“, рече Кочоски.
Тој смета дека работниците од Филипините би можеле да се интегрираат во Македонија. Според Кочоски, Украина не е опција, затоа што во оваа земја има сектори кои се поразвиени и каде платите се подобри од македонските. Македонија може да привлече работна сила од држави каде луѓето се далеку послабо платени. Добро би било ако државата успее да го активира работоспособното население кое е пасивно во потрагата по работа.
Крсте Блажески од ХОТАМ смета дека е остварило и можно Македонија да донесе работници од наведените земји. Македонскиот туризам веќе неколку години има потреба од работници.
Деновиве на социјалните мрежи дел од македонските граѓани коментираа дека доколку дојдат работници од Бангладеш, Непал, Пакистан, земјава метафорички кажано би била само хостел за нив додека да се снајдат да отидат во некоја од европските земји. Во Бангладеш многу текстилци останаа без работа, а македонските газди мака мачат да најдат искусен работник. Минималната плата во текстилната индустрија во Бангладеш е 96 долари или 5.488 денари. Во Индонезија минималната плата е 6.917 денари, во Непал e 7.203 денари, а во Пакистан 6.117 денари. Фактор претходно пишуваше дали индиски работници би работеле во Македонија, но оние Индијци кои ги контактиравме за мислење, имаа повисоки очекувања за платите во земјава, а воедно нивни приоритет е да заминат во Германија. Овие граѓани ни објаснија дека платите им се мали, но и трошоците за живот во родната земја се ниски, а во странство би морале да плаќаат и кирија.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
